На семејство од Кочани му е потребна помош! Се собираат донации да се платат кириите и сметките за електрична енергија, но потребни се и пари за лекување на таткото кој боледува од рак. И покрај здравствените проблеми, таткото решил да замине во странство за да собере пари за семејството, сопругата и трите дечиња. Но неговата здравствена состојба е влошена и тој итно се враќа назад.
Поголемиот дел од средствата потребни за кирија и струја утрово се собрани. Но на семејството му е неопходна храна, пелени за бебето, облека за другите две девојчиња кои се на возраст од 9 и 13 години. Акцијата ја започна новинарската Мери Јордановска, а ви го пренесуваме во целост нејзиниот статус во кој е опшишана тешката судбина на семејството и она што му е потребно на истото:
Од сите мои досегашни крици за помош, ова е можеби најгласниот. Чудно е како некогаш во обид да спасиш животинче, патеката те носи натаму да направиш сѐ за да им помогнеш на луѓето, кои и покрај сите проблеми, решиле и да спасат друго живо битие.
Во мојот живот сум запознала многу луѓе на кои им треба помош, ама ништо не било толку ургентно како ова, и јас ја преземам сета моја одговорност за ова што ќе ви го кажам и ќе побарам помош.
Станува збор за прекрасно, прекрасно семејство од Кочани со кое во последниве два месеца постојано сме на линија. Станува збор за 33-годишна мајка, Рената од Кочани, која ја има најслатката 6-месечна ќеркичка која постојано ја гледам на видео и изгледа толку среќно и безгрижно, не знаејќи со што се соочуваат нејзините родители.
Сопругот на Рената, роден 1984 година, боледува од карцином, за што приложувам документација од Институтот за патологија од 2024. Тој, и покрај дијагнозата, заминува да работи во Германија за да обезбеди пари за своето семејство, но состојбата рапидно му се влошува. Во моментов, тој е на пат за Кочани со комбе, а потоа директно ќе оди на Клиниката за онкологија, без денар в џеб, бидејќи не му е исплатено ништо за овие месеци. Во меѓувреме, неговата сопруга Рената и трите ќерки (меѓу кои и 6-месечното девојченце), остануваат без струја во социјалниот стан што го имаат во Кочани со неплатени сметки од над 25.000 денари и опомена пред иселување поради неплатена кирија од 20.000 денари. Оваа мајка се соочува да остане на улица со три малолетни дечиња и многу трошоци за лекување за нејзиниот сопруг што допрво ги чекаат.
Тие во ниту еден момент не побараа пари од мене, напротив, сѐ што побараа за овие месеци е еден поводник за Луна. Но, запознавајќи ги секој ден сѐ повеќе, јас се понудив. Тие се срамеа, јас не. Оти стојам на ставот дека луѓе кои крвнички се трудат да заработат, а сепак немаат, нема од што да се срамат. Им ги побарав сите неплатени сметки и киријата со ветување дека ќе се потрудиме сите заедно да ги подмириме, и дека јас лично донациите ќе ги платам од мојата сметка кон ЕВН и кон ПО Кочани, со ваша помош.
Мене лично ми е претажно и премногу ме боли кога гледам како пати едно семејство. Нивните најблиски продаваат зеленчук на пазарот во Кочани, стануваат во 1 часот наутро да извршат набавки во Струмица, а потоа од 7 часот веќе се на тезга. Со тие пари успеаја да му го платат превозот на Игорчо вечерва да се враќа од Германија во Македонија за да се лекува.
Дополнително ве замолувам, доколку сакате да донирате за малечката Ј., памперси и кашички, ве молам да ми се обратите. Ним во моментов буквално им треба сѐ!
Секоја донација за да се платат сметките и киријата на ова семејство, за да не остане на улица, можете да ги уплатите на мојата сметка: 210500000664014 NLB, а за секој дониран денар секојдневно ќе известувам, бидејќи јас директно ќе ги уплатам во ЕВН и во АД за изградба и стопанисување со станбен простор.
Знам дека можеме! Ве молам да можеме! Не сакам да се помирам дека ова може да ни се случува, особено не за луѓе кои сериозно се трудат да заработат за својата фамилија.
За секоја дополнителна информација стојам на располагање!
Comments are closed for this post.