Министерот за здравство Азир Алиу вели дека деновиве, без камери, ќе оди во посета Кочани.

Утре ќе се сретне со директорката на тамошната болница, а најави и средби со граѓани.

Ваквата информација Алиу ја сподели откако претходно објави амбициозен план за реформи во здравството во пет столбови – од мапирање на здравствените потреби по региони, платформа за следење на перформансите на болниците, професионален развој на кадрите, план за одржливо финансирање и дигитализација.

По ова, доби новинарско прашање, дали би отишол во Кочани за да види каков кадар, опрема и терапија недостасува.

„Кочани ни е во фокусот. Ние веќе, знаете, и Владата има работна група која менаџира со сите процеси и ние имаме работна група за кризен менаџмент во Министерството за здравство. Ние овие денови ќе бидеме во Кочани. Тие средби нема да бидат средби на кои ќе одиме заедно со новинари – идејата е да бидеме заедно со граѓаните и реално да ги согледаме потребите што ги имаат. Утре имам средби со директорката на болницата во Кочани, затоа и ќе почнам оттаму, прв приоритет ни е Кочани, понатаму таквите или слични ситуации кои ги имавме во минатото, а ги имавме затоа што досега немавме работни групи за менаџирање со кризни ситуации“,кажа Алиу.