Ќе трае ли подолго породилното отсуство за мајките?.Надлежните подготвуваат законски измени со кои е предвидено породилното да трае околу 12 месеци, од кои 5 ќе бидат задолжителни за мајките, а остатокот ќе може да се комбинира со другиот родител.

Кој се ќе биде опфатен со овие измени ќе се знае веројатно во јуни за кога министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, очекува да биде изготвено решението, а потоа ќе следи јавна дискусија. Се уште нема пресметка ниту колку пари ќе ја чини државата, но сепак министерката уверува дека Фондот за здравство ќе може да го издржи товарот.

Работодавачите не се против овие измени, но сепак сметаат дека подолгото породилно може да има негативен ефект врз кариерата на жената…

Продолженото породилно е едно од повеќето законски измени во корист на работниците кои синдикатите ги побараа минатата година.

Мајките и здруженијата со години бараат породилното отсуство да биде продолжено на повеќе од 9 месеци, а во екот на пандемијата од Ковид-19 ова барање се интензивираше и преку протести, посебно на оние на кои породилното им завршува овие месеци. Мајките реагираа дека во ек на пандемијата мака мачат да најдат место во градинка или дадилка, па многу од нив се приморани да дадат отказ.