Министерството за внатрешни работи, во рамки на своите надлежности во земјава е влезено во трага на дел од лицата кои недозволено објавуваат фотографии и вознемирувачки содржини и се преземаат соодветни мерки и активности во врска со случајот. Две лица, едно во Битола и едно во Велес се приведени во врска со случајот „Јавна соба“ објави премиерот Зоран Заев.

МВР работи во координација со Јавното обвинителство со цел целосно расчистување на случајот и соодветно санкционирање на сторителите.

-Имам порака за охрабрување и за жртвите на ова насилство. Ќе ги преземеме сите неопходни чекори да ве заштитиме и да ги казниме сторителите на овие грозни дела. Упатувам поддршка и до сите што покажаа солидарност и осуда за ваквите појави. Така го правиме нашето општество посензибилизирано за овие појави кои мора секогаш да бидат обесхрабрени и осуетени во нивните намери. Заштитата на приватноста е дел од генетскиот запис на секој човек, и денес, кога се одбележува Денот на заштита на приватните податоци, уште еднаш се соочуваме со заканите од глобални размери и уште еднаш сме повикани сите ние силно да застанеме против оваа појава, пишува Заев на Фејсбук.