Парични казни од 150 евра добија полските навивачи кои завчера вечерта учествуваа во масовна тепачка во близина на арената „Тодор Проески”.
Од судот велат дека дел од 223 полски навивачи кои беа приведени пред натпреварот Македонија- Полска поминале и со опомени, а како олеснителна околност било земено тоа дека до сега не биле осудувани.
„Повеќе навивачи се казнети со по 150 евра. Пасошите им беа одземени додека не ја платат казната, а потоа им беа вратени. Станува збор за странски државјани неосудувани во земјава и тоа беше земено како олеснителна околност. За вакво дело не се добива забрана за влез во земјава“, велат од судот.
Навивачите со автобуси вчера беа однесени во пред судија за прекршоци, а откако ја добиваа одлуката, еден по еден го напуштаа судот. Тие беа приведени по инцидентот во паркот на франкофонијата каде две поголеми групи на полски навивачи се степаа меѓу себе, по што 223 лица со автобуси беа однесени во четири полициски станици. Од МВР во таа прилика соопштија дека со приведувањето на навивачите бил спречен поголем инцидент. Полските “ултраси” важат за една од најагресивните навивачки групи во Европа, кои доста често знаат да предизвикаат инциденти на фудбалски натпревари.
Comments are closed for this post.