Во врска со текстот со наслов „ДКСК пак во офсајд: Антикорупционерите паднаа на Ѓорге Иванов и пред Кривичен“, до рекацијата на Пресинг појаснување испрати Државната комисија за спречување на корупцијата, што го објавуваме интегрално:
Државната комисија за спречување на корупцијата отвара и постапува по предмети согласно одредбите и процедурите предвидени во Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси. Во постапувањето по сите предмети ДКСК се води исклучиво од надлежностите, што и се дадени со законот. Притоа во сите постапки ги почитува надлежностите на сите други институции, а особено внимава на тоа да не го ограничи или суспендира правото на жалба на сите субјекти.
Потврда за тоа е и случајот за кој вие пишувате, кој јасно покажува дека ДКСК не го ограничила правото на жалба пред надлежните судски органи, кое право е искористено.
Управниот суд постапил по тужбата, ја поништил одлуката и го пратил предметот на повторно одлучување пред ДКСК, иако станува збор за Претседател на државата, кој, како што наведувате во вашиот текст, е „уставна категорија која подлежи на уставна, а не на управна постапка“.
Со оглед на тоа дека одлуката е поништена од Управниот суд, постапувањето на Одделението за прекршоци при Кривичниот суд е беспредметно, поради што прекршочната пријава е отфрлена.
По одлуката на Управниот суд во овој случај, ДКСК ќе постапи соодветно и согласно на Законот.
Comments are closed for this post.