Еден учебник да користат двајца ученици кои се соседи или живеат блиску. Вакво решение им било понудено на ученици од основното училиште „Братство Миѓени“ во Тетово поради недостиг на книги, информираат нивните родители.
„Веќе неколку години по ред се повторува недостигот на книги. Децата имаат нови учебници по математика и природните науки. Учебниците по македонски, општество, физичко, музичко и техничко образование, се стари. Но, се случува и старите учебници да ги нема за сите ученици, па еден учебник користат двајца ученици“, објаснуваат родителите.
Во општинскиот сектор за јавни дејности велат дека разни учебници недостигаат во повеќе училишта и на различни наставни јазици, но дека проблемот е од технички карактер.
„Секоја година имаме проблем со учебниците, односно со доцнење на нивната достава. Идеално сите учебници треба да бидат донесени до училиштата до 31 август, но не е така. Ние навремено сме ги се известиле во Педагошки завод од каде училиштата добиваат учебници. Доставени им се информации кои учебници недостасуваат, но сепак сознанијата се дека се уште фалат и се очекуваат да пристигнат во секој момент“, изјави Ахмед Ќазими, раководител на секторот.
Според проценките на надлежните, до крајот на септември сите ученици ќе ги имаат потребните учебници.
Comments are closed for this post.