Министерството за одбрана склучи договор за набавка на 14.000 комплети воено-теренска униформа за потребите на припадниците на АРМ, што е прва набавка на по два комплета униформи за секој припадник на армијата досега.
Сумата на договорот потпишан со штипската компанија „Дона-М”, како што се наведува во преку јавна и транспарентна постапка за јавна набавка на која и претходеше и технички дијалог со заинтересираните компании, е во висина од 54,5 милиони денари со пресметан ДДВ, а вкупната количина комплети на воено – теренската униформа треба да биде испорачана до крајот на март следната година.
Последен пат 5.000 униформи за припадниците на армијата биле набавени во 2013 година и уште 1.100 униформи во 2017 година. Договорот склучен овој месец за 14.000 комплети воено теренска униформа, прв пат ќе ги обезбеди припадниците на АРМ со по два комплети униформи.
Министерката Шекеринска во повеќе наврати ја информираше македонската јавност дека за Министерството приоритет се набавките кои директно влијаат на условите на припадниците на АРМ за работа и живот.
На почетокот на октомври, министерката информираше дека е потпишан и договор за набавка на околу 7.200 пара чизми за припадниците на АРМ од кои 4.350 се веќе испорачани, а остатокот се очекува да биде испорачан идната недела. Откако ќе биде извршена контрола на квалитетот и евентуални лабораториски испитувања во акредитирана лабораторија, чизмите ќе бидат дистрибуирани до војниците. Последен пат војнички чизми за припадниците на Армијата биле набавени во 2012 и 2013 година, но и тогаш во недоволен број за сите припадници на АРМ, додава МО.
Comments are closed for this post.