Почната е постапката за регистрација и на третото бугарско здружение со назив „Цар Фердинанд“ со седиште во Богданци. Сител од свои извори дознава дека во Централниот Регистар веќе се разгледуваат поднесените документи од барателот. И во овој случај подносителот обезбедил согласност од поранешниот бугарски премиер Симеон Саксобурготски како член на семејството и потомок на Царот Фердинанд. Од Централниот регистар засега нема одговор кој е подносител на барањето за регистрација на вакво здружение.
Премиерот пак не слушнал дека во постапка е регистрација третото бугарско здружение. Но веќе го осудија отворањето на здруженијата во Битола и Охрид и го оценија како провокација.
Го искористил Мелничкото востание за да стане цар
Фердинанд Сакс-Кобург-Готски е роден во 1861 годинаво Виена, а починал во 1948 година во Кобург. Би бугарски кнез во периодот од 1887 до 1908 година и цар на Бугарија од 1908 до 1918 година.
Фердинанд бил син на принцот Август Сакскобурготски и на принцезата Клементина Бурбонско-Орлеанска, ќерка на последниот француски крал Луј-Филип.
По падот на Стефан Стамболов и по Мелничкото востание, кнезот Фердинанд бил признаен за законит владетел. На 22 септември 1908 година во црквата „Свети Четириесет маченици“ во Софија се одржала грандиозна верска свеченост на која била прогласена независноста на Бугарија, а Фердинанд I бил прогласен за „цар на Бугарите“, со што била возобновена титулата од Првото и Второто бугарско царство.
На крајот од Првата светска војна, Фердинанд знаел каков ќе биде односот на сојузничките сили и ги надитрил сите, за да не им овозможи да биде срамно соборен. На 3 октомври 1918 година тој абдицирал во корист на својот најстар син Борис. Остатокот од животот го поминал во прогонство, живеејќи во градот Кобург во Германија. Патувал и низ Јужна Америка и источна Африка, а се обидувал и да се врати во Бугарија, но неговиот син, Борис, тоа никогаш не му го дозволил.
Топло-ладно со Македонскиот комитет во Софија
Царот Фердинанд битно влијаел врз македонското револуционерно движење. По формирањето на Македонскиот комитет во Софија, Фердинанд и бугарската влада му дале поддршка на Трајко Китанчев да продолжи со организирањето и праќањето на вооружените чети во Македонија.
Но во април 1895 година, на средба со една делегација на Комитетот, Фердинанд најавил дека ќе ја прекине поддршката. Без разлика на ваквото предупредување, кон крајот на јуни и во почетокот на јули 1895 година дошло до Мелничкото востание во Македонија, но тоа во воен поглед било катастрофа. Веднаш по востанието, Фердинанд и неговата влада ја откажале поддршката за Македонскиот комитет, но го искористил востанието за свое законско признавање.
Во текот на идните години, Фердинанд се стремел да го стави под индиректна контрола макеодонското револуционерно движење и затоа во него уфрлал разни свои луѓе од Данаил Николаев па сè до Иван Цончев.
Судирот со Борис Сарафов
Поради таквата политика, Фердинанд дошол во судир со некои од македонските револуционери. Борис Сарафов во своето интервју со Амфитеатров од 1901 г. истакнал:
„Автономната македонска идеја нè скара со бугарската влада. Зар порано со нас не беше љубезен и внимателен кнезот Фердинанд? Зар… Рачо Петров кој со своето Министерство толку грижливо се зафати да нè скроти, не беше наш соучесник во 1895 година и не ни дозволи да ја минеме македонската граница и да водиме чети? Нè фалеа зошто се надеваа дека ние, со своите раце, ќе ги вадиме од огнот македонските костени и ќе им ги дадеме ним како подарок на бугарската влада. Големите луѓе сакаа да јаваат на грбот на малите. Владата мечтаеше за Санстефанските граници, кнезот Фердинад… го примамува ефектот кон своите два венца да го придодаде и третиот – Македонија“.
Сарафов и неговите приврзаници отворено изјавуваа дека ним не им дошло до националистички проповеди, туку до политичко ослободување, за кое народот треба да се подготви и воодушеви, за во дадениот час да биде готов да се жртвува. Малку расположени да му служат на политичките интереси на кнезот Фердинанд и на славистичките стремежи на бугарските државници, тие се воодушевуваат од идејата за самостојна Македонија, до која, според нивното мислење, во тогашните политички услови можело да се дојде под покровителство на Султанот. И токму затоа што не сакале да допуштат автономијата да послужи како мост за подоцнежната бугарска анексија, тоа предизвикало гнев кај кнезот Фердинанд и кај тогашниот шеф на владата Каравелов, кој како запален шовинист, прв почнал да ги гони сарафистите.
Чудни средби со Сандански
И покрај спротивставувањата, Фердинанд успеал да го стави Македонскиот комитет под своја контрола преку генералот Иван Цончев. Од тука произлегло и Горноџумајското востание. Фердинанд своите контакти со македонското револуционерно движење ги продолжил до крајот на своето владеење, сретнувајќи се со многумина.
Во своите спомени, Ванчо Михајлов приложил писмо за кое кажува дека е напишано од Иван Балабанов, во кое, Балабанов на 27.12.1957 година на В. Михајлов меѓу другото му напишал:
„Не беше за мене тајна дека Сандански влегуваше многу често во Дворецот (т.е. кај Фердинанд) преку северната врата и мене ми правеше впечаток дека таму влегуваше со револвер во џебот… Дали тој се сметал за лошо платен за тоа што го извршувал и станал непријател на Фердинанд ќе можете вие подобро да оцените… Чудни се – да го употребам најмекиот израз – тие средби на Сандански со царот, тој Сандански, кој се истакнуваше како заколнат непријател на врховизмот… Голема недоумица и сомничави прашања кај многу современици предизвикувал фактот што цар Фердинанд испратил венец за да биде положен врз гробот на Сандански, наскоро откако бил убиен. Венецот е положен од Иван Вапацаров, родум од Банско (таткото на поетот Никола Вапцаров, четникувал во четата на Сандански). Самиот Вапцаров повторуваше дека таа работа никако не може да ја разбере – цар Фердинанд испраќа венец за Сандански“.
Како и да е, мешањето на Фердинанд во внатрешните работи на македонското револуционерно движење носело само несреќа за Македонија и за македонскиот народ. Македонската револуционерна организација изгубила драгоцено време во борбата со Цончевистите и со врховизмот, во чие создавање учествувал и самиот Фердинанд.
Comments are closed for this post.