И покрај сите укажувања за основани сомневања за злоупотреба на системот од страна на ген.секретар Рашковски, при конкурсите за влез во Академијата за судии и обвинители, Владата продолжува да ги турка измените на Законот за АСЈО преку злоупотреба на знамето на ЕУ, за вештачки да ја скрати постапката во Собранието, пишува на Фејсбук Антонио Милошоски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.

Тој истакнува дека за власта да може полесно да го етаблира клиентелизмот и непотизмот при изборот на идните владиноподобни судии, со законските измени предлагаат да се девалвираат објективно добиените поени, а Комисијата за приемен испит да учествува со дури 70% субјективни/дискрециони оценки за кандидатите, наспроти досегашните 10%.

„Доколку на ова се додадат информациите кои се појавија во јавноста дека деца и блиски роднини на високи судски и обвинителски функционери, на високи функционери во Собранието, како и на истакнати владини и партиски активисти се на „листата на привилегираните” за сигурен влез во Академијата, станува јасно дека мерит системот на оваа институција станува суштински загрозен“, потенцира Милошоски.
Од тие причини група пратеници кои учествуваа во дискусиите за тој „сомнителен Предлог-закон“, упатија писмо на загриженост до амбасадорот на Француската Република, Кристијан Тимоние, бидејќи неговата држава е еден од најголемите донатори на Академијата од самото нејзино основање.

„Се надеваме дека Франција ќе помогне да се зачува институционалниот капацитет на Академијата за судии и обвинители, како и да се одржат високите објективни стандарди и принципот на еднакви шанси за секој сегашен и иден студент на оваа Академија“, истакнува Милошоски.

 

>