Денеска, 1 август 2022 година, се навршуваат пет години од потпишувањето на Договорот за добрососедство, пријателство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија. Торжествените потписи на тогашните премиери Зоран Заев и Бојко Борисов требаше да означат отворање на нова страница во односите меѓу двете држави и двата народа и конечно пробивање на евроатлантскиот пат на Македонија кон членството во НАТО и ЕУ.
Но, наместо тоа, најгрубо речно, целите се само делумно остварени, барем што се однесува до Македонија. Членството во НАТО стана реалност, отпочнувањето на преговорите за членство во ЕУ се само на половина пат, а односите меѓу двата народа се доведени на најниско можно ниво, полошо дури и од времето на Кралството и СФР Југославија. И што е најлошо, на внатрешен план, интеретничките односи меѓу Македонците се доведни до точка на вриење, што имаат свој одраз и влијание врз меѓуетничките релации во земјата.
Македонија и Бугарија веројатно станаа единствени две држави во светот, кои за време од само две децении склучија дури три меѓудржавни договори.
Првиот од 1999 година, вториот од 2017 и третиот од 19 јули годинава, преточен во т.н. француски предлог. И во овој меѓупериод од 2017 до 2022 година, веројатно не постои попонижен, по девалвиран, по дискриминиран, по разочаран народ од Македонците.
Од оваа временска дистанца звучи просто неверојатно, но како држава и како владејчка политичка елита, предводна од СДСМ и ДУИ, да не можат да се предвидат вистинските намери и цели и на великобугарскиот шовинистички сон и на меѓународната политичка прагма, во чиј епицентар се најдоа токму идентитетските прашања на етничките Македонци. Ревизијата на историјата, практично се претвори во средство за легален геноцид врз еден мал народ на Балканот, што е спротивно на сите меѓународни норми и правила, но пред се на вистинските европски вредности, во чија основа лежат човековите права и еднаквоста во различностите.
Враќајќи го филмот наназад, наспроти сиот оптимизам прокламиран од владејачката структура, неизбежен е фактот дека како главен камн на сопнување се покажаа две основни причини. Првата, во прифаќањето од македонска страна на терминот „заедничка историја“ и втората, заткулисните (не)остварливи ветувања на поединци од власта дадени на бугарската страна и на меѓународната заедница.
Историјата покажала и потврдила дека ништо вечно не останало тајна, па полека, но сигурно, клопчето почна да се одмотува. Дека македонската власт се нашла затечена од толкувањето на терминот „заедничка историја“ единствено како бугарска, отворено призна шефот на државата Стево Пендаровски. И илузорно е некој да се обиде сега него да го демантира или негира, зашто тоа е едноставно невозможно.
Натаму, на површина излезе и судирот меѓу министрите Никола Димитров и Бујар Османи од една, и Зоран Заев и Димитров од друга страна. А, тој се должи, пред се, во приодот на надминување на недоразбирањата, што произлегоа меѓу двете држави. И не попусто една од првите изјави на премиерот намесник Димитар Ковачевски, по стапувањето на функцијата, беше дека ќе се бори против пропагандистите, кои го попречувале напредокот во односите. Излезе дека Димитров бил главниот пропагандист и виновник за состојбата во која се најдоа Македонија и Бугарија!? Не, не Зоран Заев, кој стави параф на „заедничката историја“ и ги давал ветувањата каде стигнал, туку Димитров, кој инсистирал на почитување на правото на Македонците на самоопределување. За негова дискредитација послужи објавениот документ за прифаќање, демек, на бугарската терминологија за Илинденското како Илинденско-Преображенско востание и наводното отсуство на македонската верзија од документот.
Како посредник за надминување на состојбата, нормално, се јави меѓународната заедница во лицето на ЕУ и САД. Резултат на тоа беа прво португалскиот, па потоа францускиот предлог. И тој комплот целосно ги прифати бугарските барања, а Македонија доби нови обврски, зашто јажето, нели, се кине таму каде што е најтенко. Впрочем, тоа се покажа и докажа со Преспанскиот договор, па сега сликата се пресликува и со францускиот предлог. Македонската страна не успеа да го одбрани ни единствениот јавно прокламиран став за вметнување на македонските Бугари во Уставот по нејзиниот прием во ЕУ, па сега тој е основната точка ако сака реализација и на втората фаза за официјален почеток на преговорите на членство во Унијата.
На внатрешно-политички план, пак, ситуацијата е копи-пејст од потпишувањето на Преспанскиот договор. Тогаш Заев се колнеше во жичката македонска, во најблиските, во децата и претците, ама потпиша и менување на уставното име и тоа за севкупна употреба, што беше основа за раѓање на нова „северномакедонска“ нација и народ. Сега Ковачевски цело време тврди дека идентитетот и македонскиот јазик не биле предмет на преговори, ама содржината на комплетните документи кажуваат нешто сосема друго, токму спротивното. Инаку, зошто би се експонирал само делот дека Македонија добила „чист“ македонски јазик, без додавки или фусноти?! Или дека во ЕУ ќе влеземе како Македонци, што апсолутно не кореспондира со вистината!
Зашто, францускиот предлог ги врзува и Преспанскиот и Договорот за добрососедство. Што ќе рече дека нема Македонци, туку има три коси црти!!! И премиерот намесник Ковачевски отворено манипулира со јавноста кога вели дека ќе стане уште поголем Македонец! Не! Напротив, може да станат поголеми само трите коси црти во официјалните документи на државната администрација, а не тој да стане поголем Македонец!
Ова, пак, од друга страна значи дека е целосно отворен патот за целосна асимилација и бугаризација на Македонците. Периодот од 10-15 години, во историски контекст е можеби краток, но временски минува за миг. Особено под удар на образовната, културната и секаков вид друга пропаганда. А, тогаш којзнае каде ќе бидат и Емануел Макрон, и Шолц, и редица други европски лидери и бирократи.
Наспроти се, најголема болка претставува отсуството на интеретнички, македонски консензус. Во 21 век, апсолутно неприфатливо е власта на СДСМ и ДУИ да го приватизира европскиот пат на Македонија и да не се ни обиде да разговара со опозицијата за исклучиво идентитетските прашања, а посебно не да имаат спротивни становишта и гледишта, без оглед на идеолошките разлики, ако такви воопшто постојат. Опозицијата не може и не смее да се претвори и гледа само како бројка, како број на пратеници, кои ќе можат да гласаат за промена на Уставот! А, уште помалку чисто сталинистички, тоталитарно, во стилот кој не е со нас, е против нас, што значи кој не е за промена на Уставот, тој е против ЕУ! Ваквото чисто пропагандистичко вулгаризирање на работите не води никаде, освен кон нови, и нови, дополнителни поделби на и онака целосно поделеното македонско национално ткиво.
А, кому тоа најмногу му одговара? На Македонците со три коси црти сигурно не.
Comments are closed for this post.