Неполн месец по преземањето на функцијата Министер за локална самоуправа, сумиравте ли впечатоци, што добивте во наследство, ги детектиравте ли аномалиите, трасиравте ли во која насока ќе продолжи да делува Министерството?
Перински: Функцијата министер за локална самоуправа ја прифатив како голем предизвик, затоа што локалната самоуправа е еден од најважните столбови во политичкиот систем на државата. Условите во кои што функционираат општините директно влијаат на нивната ефикасност и обезбедувањето на услугите кон граѓаните. Министерството за локална самоуправа е првата институција, која што има одговорност да ги согледа сите проблеми со кои што се соочува локалната самоуправа и да ѝ предложи на Владата квалитетни и одржливи решенија, на кои што ќе работиме заедно со сите министерства кои што имаат влијание на локалниот развој и на извршувањето на локалните надлежности.Затоа од првиот ден започнав со директни средби со градоначалниците и според утвдената динамика до крајот на месецот ќе се сретнам со сите и изворно се запознавам со нивните потреби и заедно ќе ги бараме најдобрите решенија.И покрај тоа што Министерството за локална самоуправа е одговорно за спроведување на политиката за рамномерен развој, факт е дека во континуитет не биле издвојувани доволно средства за да се реализираат поголеми проекти во општините и во планските региони, кои што ќе имаат поголемо влијание на развојот и ќе ги подобруваат условите за живеење. Сѐ уште во најголемиот број општини, граѓаните се соочуваат со нерешени основни прашања, како што е патна инфраструктура, квалитетно водоснабдување, канализација, современи училишта, не се доволно опремени противпожарните служби, со што за жал се соочивме и деновиве. Долга е листата на нерешени прашања што за Владата се приоритет и на што ќе работиме со полн капацитет. Тоа е и мој приоритет како министер за локална самоуправа, најважно е граѓаните да се задоволни. Ќе ги искористам сите средства кои што ги имам на располагање, кои што произлегуваат од надлежностите на министерството. Владата знае што им треба на граѓаните и затоа веднаш презедовме големи одговорности и позитивните промени ќе бидат направени многу брзо и граѓаните ќе ја видат разликата. Граѓаните се најреалните оценувачи на состојбите, на изборите тие јасно и недвосмислено го кажаа својот став за работењето на претходната Влада, а ние ги слушаме нивните барања и од првиот ден нудиме решенија и веќе ги реализираме.
Конкретно, што ќе преземете, имате ли програма, средства?
Перински: Владата од првиот ден настапи многу отворено. Најавата за обезбедување на средства за реализација на капитални проекти во општините се потврди и со ребалансот на буџетот. Нашите намери се искрени и тоа што го ветивме ќе го направиме. До крајот на годината на општините ќе им бидат трансферирани првите сто милиони евра за реализација на проектите што им се приоритетни.
Министерството за локална самоуправа ќе ја реализира целата постапка за праведна распределба на средства, врз основа на проекти, кои што ќе ги достават општините. Интензивно се подготвуваме многу брзо да го објавиме јавниот повик и да спроведеме постапка на избор, која што ќе гарантира сигурна и брза реализација на најдобрите проекти. Сакаме да бидеме сигурни дека буџетските средства ќе бидат реализирани во целост, одговорно и транспарентно од страна на локалните власти. Затоа сме фокусирани и на обезбедување на механизми на надзор. Убеден сум дека локалните власти се подготвени и оваа можност што ја создаде Владата ќе ја искористат на најдобар можен начин. Поддршката ќе биде континуирана и дефинитивно работите ќе се менуваат од година во година. Целта е толку многу благородна што е огромен мотив и за мене како министер за локална самоуправа и за градоначалниците. Во граѓаните гледаме наши партнери и заедно ќе работиме затоа што сите сакаме брзи промени. Огромната доверба што ја добивме на изборите е голема одговорност и така настапуваме во реализацијата на секое наше ветување што е дел и од Програмата на Владата од што нема да отстапиме.
Кои општини ќе можат да аплицираат за финансиската помош?
Перински: Во разговорите со градоначалниците стекнав впечаток дека сите општини имаат потреба од финансиска поддршка од Владата. Нивните приходи се ограничени и самостојно тешко можат да реализираат поголеми капитални проекти, а само со такви проекти може да се направат суштински промени и да се подобрат условите за живеење. Ако тоа е предизвик и за поголемите општини, тогаш разбирливо е со што сѐ се соочуваат помалите и руралните општини. Затоа јавниот повик ќе биде отворен за сите единици на локалната самоуправа. Тргнуваме од реалните потреби на граѓаните. За Владата е важно да создадеме услови за да се направи поголем исчекор во решавањето на приоритетните прашања и да се создаде основа за побрз развој, кој што ќе го менува ликот на нашите општини, на секое населено место. Секој дел од државата, секоја општина има потенцијал, тој потенцијал треба да се стави во функција на развојот и затоа Владата им дава шанса на општините за сериозен рестарт, можност, која што тие ја чекаат со години. Ќе се менуваат условите за живеење, но ќе се создаваат и нови можности за локален развој, за нови мали бизниси и преку соработка на Владата со локалните власти ќе ги движиме работите напред, ќе создаваме нови можности за секој граѓанин. Секој граѓанин ни е важен, граѓаните ни се потребни овде во државата и заедно ги правиме промените, затоа што ние ги слушаме граѓаните.
Всушност, вие сега ќе ја коригирате работата на градоначалниците?.
Перински: Градоначалниците имаат многу сериозни одговорности и со оглед на условите во кои што работат, најголемиот број од нив прават максимални напори за да обезбедат функционалност на јавните служби и да ги сервисираат граѓаните. За тоа се потребни посветеност и вложување на целиот свој потенцијал, време и енергија. За жал секогаш има и ќе има исклучоци. Огромен е притисокот кога граѓаните јавно и секојдневно го изразуваат своето незадоволство од однесувањето на некој градоначалник. Граѓаните очекуваат решение, но за жал со нашиот систем на локална самоуправа, градоначалниците се најзаштитени носители на функции. И тоа го гледаме сите, секојдневно се соочуваме со неодговорно однесување и последиците ги трпиме сите. На овој план мора да се менуваат работите. Граѓаните не смее да бидат ничии заложници. Потребно е да се обезбеди законско решение, кое што нема да ја загрози независноста на локалната самоуправа во однос на извршната власт, но и ќе им даде механизам на граѓаните, со кој што тие ќе можат да го санкционираат (не)работењето на градоначалникот. Владата и јас како министер за локална самоуправа само ги слушаме граѓаните, нивните реакции за нас се најрелевантниот патоказ за тоа што треба да се направи за да се подобри функционалноста на локалната самоуправа. Има многу ситуации, кои што јасно укажуваат дека некои актуелни законски решенија и не се најдобри и дека е време да се преиспитаат. Не станува збор за тенденција, туку за систем, кој што на граѓаните во целост ќе им го обезбеди уставното право на локална самоуправа и нивно влијание во донесувањето на одлуките за работи од нивен интерес. Тоа е смислата на локалната самоуправа.
Во меѓувреме, одлучивте директно да комуницирате и со граѓаните, зошто? Вие како министер немате ингеренции за директно решавање на нивните локални проблеми.
Перински: Се согласувам, но, истовремено сум свесен и ве уверувам дека со изворно информирање за одреден проблем, можеме да бидеме институционални медијатори како би излегле во пресрет на секој граѓанин и преку изнесување на прашањата пред Владата можеме да иницираме акција на сите надлежни институции за поефикасно решавање на некои прашања што се приоритетни за граѓаните. Пред сѐ станува збор за прашања од локална надлежност, а на чие решавање можат да имаат влијание и ресорните министерства. Овој проект го водам јас и секое пристигнато барање, сугестија или забелешка од граѓаните ќе бидат разгледани темелно и ќе бидат преиспитани сите можности за ефикасно решавање на прашањето. Граѓаните со право очекуваат да видат дека ефикасно ги решаваме работите, смачено им е да се борат со системот и во таа борба главно тие да бидат губитници. На оваа воспоставена пракса ѝ ставаме крај, граѓаните се најважни и институциите постојат за нив, ќе покажеме дека институциите работат за граѓаните, тоа е работа на јавниот сектор, брзо, ефикасно, транспарентно и одговорно во интерес на секој граѓанин .
На кој начин можат граѓаните да стапат во контакт со Министерството за локална самоуправа?
Перински: Комуникацијата ќе се одвива преку spodeli@mls.gov.mk. На оваа електронска адреса секој граѓанин ќе може да го сподели својот проблем, прашање, да даде предлог, да ни укаже на некој пропуст, да нѐ искритикува, а наша одговорност е секоја порака од граѓаните да добие соодветен одговор и ефикасно решение од страна на надлежните институци. Граѓаните се нашите партнери и само преку партнерство со нив можеме да донесуваме исправни одлуки, кои што на прво место ќе го ставаат јавниот интерес и интересот на граѓанинот. Целта е да бидеме ефикасни во решавањето на работите и тоа да го направиме на праведен и институционален начин со што ќе се врати довербата на граѓаните во институциите. Ова воопшто не е лесна работа ако се има предвид фактот дека граѓаните се целосно разочарани и без очекувања, но нема прогрес ако институциите и граѓаните не се на иста страна. Со конкретно однесување и постапки ќе ја менуваме перцепцијата за доброто на државата и на сите граѓани.
Освен што сте сконцентрирани на овие два проекти, што друго е дел од вашата секојдневна министерска агенда?
Перински: Министерството за локална самоуправа своите надлежности ги остварува во партнерство со локалните власти и со ЗЕЛС и затоа секојдневно сум во комуникација со локалните власти. Во овој корпус ги ставам и Центрите за развој на осумте плански региони, нивната поддршка е многу важна за развојот на општините и на планските региони. Но, сакам да нагласам дека Министерството за локална самоуправа спроведува политики, кои што се комплексни, за што е важна и соработката со другите надлежни министерства, но и со меѓународните организации, кои што делуваат во областа на локалната самоуправа. Деновиве остварив средби со првите луѓе на овие организации, но и со амбасадорите на земјите, кои што континуирано ги поддржуваат и министерството и општините. Имав конструктивни средби на кои што добив поддршка и стекнав убедување дека ја имаме поддршката и како Министерство и како Влада, затоа што имаме јасна визија за развојот на локалната самоуправа и на државата и сме подготвени и отворени за ефикасна соработка во реализацијата на приоритетите на Владата, за кои што го добивме мандатот од граѓаните и на што работиме со целосна посветеност.
Comments are closed for this post.