Младите луѓе во нашата држава мора да добијат нови можности и перспективи, а нашите заложби за што побрз влез во евроатлантските структури и чекорите што досега се преземени, се вистинскиот правец во кој ќе продолжиме да се движиме, рече претседателскиот кандидат Стево Пендаровски на денешната средба со младите од Кочани.
Отворањето на европските претпристапни фондови, можноста за поголема мобилност во образованието, практична работа и наобразба во европските земји се дамо дел од перспективите што им стојат на младите. Очекувам тие да дадат максимална поддршка на ваквата опција, затоа што сè друго би било доведување во ризик и на ова што до сега го постигнавме. За младите луѓе кои се на почеток на својата кариера исклучително важно е да бидат дел од овие процеси и конечно, по тридецениска транзиција, и тие да станат дел од еден поширок европски пазар на труд и знаење, на еден поширок културен круг во кој и самите ќе можат да се реализираат. Сакаме најпрво да добијат шанса овде, но и преку размена на информации и искуства со своите врсници од европските држави да напредуваат многу побрзо, истакна Пендаровски.
Пендаровски додаде дека е свесен дека иселувањето на младите е нагласено во изминатите десетина години, особено во источниот регион на државата.
Нема европска држава кој го намалила трендот на иселување, ако останала изолирана и на дното, како што бевме ние во изминатата над една деценија. Сега сме на прагот на Европа и мораме да останеме и да дадеме поддршка на оваа политика, затоа што таа на краток рок ветува можности за значително ублажување на трендот. Едно е младите да се иселуваат затоа што немаат никаква шанса во својата земја, а друго е ако добијат можност овде и потоа сакаат да се надградуваат, што како терен не треба да го запира никој, заклучи Пендаровски.
Comments are closed for this post.