Претседателот на државата Стево Пендаровски, во рамки на дводневната работна посета во Брисел, денеска ќе оствари средба со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.
Како што е најавено од Кабинетот на Пендаровски, почетокот на средбата е предвиден во 12:45 часот, по што во 13:15 часот ќе следи заедничка прес-конференција на претседателот Пендаровски и генералниот секретар Столтенберг.
Пендаровски вчера во рамки на посетата на Брисел, оствари средби со претседателот на Европскиот Парламент, Давид Сасоли, со потпретседателот на Европската Комисија и Висок претставник за надворешна и безбедносна политика на Европската Унија, Жозеп Борел, со Комесарот за соседство и проширување, Оливер Вархеји, со Специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот Белград-Приштина и за други регионални прашања на Западен Балкан, Мирослав Лајчак, како и со европратеникот и известител за Република Северна Македонија, Илхан Кјучук.
На овие средби, Пендаровски порача дека земјава е подготвена веднаш да седне на преговарачка маса со Бугарија за да се надмине билатералниот спор и да се отвори патот кон ЕУ.
– Да разговараме за сите отворени прашања, се разбира, со оние огради или т.н. црвени линии кои сме ги истакнувале и за кои не очекуваме воопшто дека ќе бидат повторно на преговарачка маса, истакна Пендаровски во Брисел.
Comments are closed for this post.