В недела сте исправени пред јасен и недвосмислен избор. Од една страна може да гласате за Силјановска и со тоа да гласате всушност за Груевски и Мицкоски. Со тој глас вие гласате за враќање назад, за нови поделби, блокади и изолација. Или, пак, да гласате за мене и да ги поддржите политиките на единство, на мир, на стабилност и сигурен економски развој. Овој избор е многу важен. Јас сум убеден дека сите вие одговорно ќе гласате. Јас длабоко верувам во вас и знам дека ќе направите правилен избор, порача кандидатот за претседател на СДСМ и коалицијата Стево Пендаровски на денешната прес-конференција.
Според Пендаровски, кампањата се одвиваше во рамки на еден, како што рече, демократски амбиент.
Можам да кажам дека сум задоволен дека ние, тројцата кандидати, се движевме во рамки на кодексот за фер и демократски избори што го потпишавме на почетокот. Мислам дека може да добие преодна оцена и се надевам дека во првиот изборен круг, сите ние тројцата кандидати придонесовме за кревање на политичката култура и културата на комуникација меѓу официјалните кандидати за вака висока функција, рече Пендаровски во обраќањето од својот изборен штаб на десетина часа пред почетокот на молкот.
Запрашан дали прави разлика меѓу Силјановска и Иванов, бидејќи и тој се изјасни како непартиски кандидат, а потоа заврши како партиски полтрон, Пендаровски објасни дека за одговорот на ова прашање „треба да се вратиме многу наназад, уште кога Иванов беше кандидат за првиот мандат во 2009-та“.
И јас и сите ние што ја следиме подолго македонската политичката сцена знаевме дека тој има објавувано, пишувано, против Рамковниот договор и против овој модел на Македонија што е од 2001 наваму, против овој политички систем и уставните измени од таа година. Во тоа време Иванов се обидуваше да ни се продаде како човек кој едно зборел како експерт, сосема друго ќе постапува и ќе прави како политичар, и иста ситуација имаме сега и со Силјановска која вели дека како научник, како професор била против Рамковниот договор, била против Законот за децентрализација како експерт била против законот за јазици и против Преспанскиот договор, а наводно како политичар или како претседателка утре задутре, ако ја добие довербата ќе биде за сите тие работи. Јас мислам дека ние не можеме да се подвоиме на таков начин, приватно, дома, да бидеме едно, а на јавната сцена друго. Затоа мислам дека граѓаните нема да ја направат таа грешка, да гласаат за човекот мислејќи дека тој нема да ги застапува ставовите кои инаку ги застапувал години и години наназад. Ние сме формирани личности и секој од нас е веќе долги години на јавната сцена, дали како политичар, дали како експерт, мислам дека граѓаните многу добро знаат кој има т.н. двоен говор. Еден за гледачите, за гласачите, со цел да ги добие изборите, а другиот во суштина да ги задоволи своите политички ментори кои имаат конкретни политички интереси, амнестија на криминал итн, рече Заев.
Околу прашањето за навлегување во приватноста и крадење на лични податоци на граѓаните, за што деновиве обвини опозицијата со објавувањето на апликацијата што наводно ја користел штабот на СДСМ, Пендаровски одговори дека станува збор за современа алатка што се користи во кампањите посебно во западниот дел од Европа, и во Скандинавските држави, што воопшто не значи влез во интимата на граѓаните или собирање на приватни податоци.
Тој тип на кампања се води од врата на врата, наместо да се пишува во тетратка, сега се пишува во таа апликација. Меѓутоа, тоа се јавно достапни податоци и воопшто не станува збор за влегување во приватноста на граѓаните, не станува збор за никаква повреда на уставно право, вели тој. Тоа што луѓето од ВМРО-ДПМНЕ мислат дека е тоа некоја нова голема операција, како ја велат тие големото уво, тоа го кажуваат затоа што ја имаат мувата на главата. И во 2001-ва илјадници луѓе прислушкуваа и во време на режимот на Груевски повторно над 20.000 луѓе прислушкуваа на традиционален начин. Мислам дека нема споредба во овие работи. Тие влегуваа во интимата на граѓаните, тие ја нарушуваа нашата приватност и за тоа колку што знам веќе се поведени неколку постапки и пред судот во Стразбур од луѓе кои овде беа прислушкувани во чија интима се влегуваше, рече Пендаровски.
Comments are closed for this post.