Партијата за движење на Турците (ТХП) одлучи на локално ниво во општина Радовиш да го напушти владејaчкото мнозинство, така што од денес советникот на ТХП Јашар Сулејман дејствува надвор од советничката група на актуелното мнозинство, соопшти партијата.

Ваквата одлука е резултат на крајно деградирачкиот однос и многубројните закани на градоначалникот на општина Радовиш и локалните „шерифи“ кон турската заедница. Турската заедница како и сите други има потреба од инфраструктура, и со години турските населени места беа заборавени. Како партија на власт  која се води од концептот едно општество за сите нема да дозволиме локални структури да го „урнат“ тој концепт.

ТХП силно верува во вредностите на едно општество за сите и во изминатиот период јасно се спротивстави на политиките што не ги почитуваа.

Исто така нема да дозволиме да се појават нови форми на уривање на мултиетничките и културни односи. Убедени сме дека секој подеднакво заслужува место во ова наше поднебје.

Во иднина упорно и без никакви калкулации ќе продолжиме да делуваме за еднакви можности на сите граѓани на Република Македонија“, соопшти општинската организација на ТХП Радовиш.

Оваа партија има едно пратеничко место во Собранието како дел од владеачката коалиција на СДСМ и ДУИ.