Пратеничките групи се консултираа за предлог текстот на законот за амнестија, изјави денеска Нола Исмајловска, пратеник од независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата За подобра Македонија.

Таа кажа дека осумтемина пратеници од оваа парламентарна група ќе ги поддржат реформските закони за кои е потребно двотретинско мнозинство, а кои се на дневен ред на собраниската седница закажана за понеделник.

Идеите што ги имаме веќе подолг период ги разменивме. Навистина е еден инклузивен процес, сега тоа што го правиме е консултација со правни експерти, секоја пратеничка група се консултира и кога ќе се закаже наредната средба на интерпарламентарната група за интеграција, реформи и помирување ќе ги размениме и тие заклучоци за крајното решение да го извлечеме најдоброто од сите дискусии што ги имавме досега – изјави пратеничката Нола Исмајловска од независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ.

Исмајловска засега нема информација кога ќе се состане интерпарламентарната група, и не знае дали законот би можел да биде ставен на седница во понеделник кога треба да се гласаат и реформските закони за кои е потребно двотретинско мнозинство.

За реформските закони, сакам во име на осумтемина пратеници од независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата За подобра Македонија, да изразам подготвеност да бидеме дел од овие значајни процеси кои и претстојат на Македонија, заради тоа што е впрочем и она што не натера и првично да гласаме. За законите што следуваат – законот за судови, за судски совет, за прекршоци, ќе ги разгледаме, таму каде што сметаме и амандмански ќе реагираме и ќе ги поддржиме сите решенија кои ќе значат подобри решенија за граѓаните – рече пратеничката Исмајловска.

Изрази уверување и дека нејзините колеги од ВМРО-ДПМНЕ одговорно ќе пристапат на овој процес и дека активно ќе бидат вклучени и дека сите пратеници заедно ќе ги поддржат овие реформски закони.