Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, ја продолжува својата прва работна посета откако е на оваа функција, денеска се сретнува со еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји.
Османи вчера се сретна со неколку европратеници и со високиот претставник за надворешна политика на ЕУ, Јосеп Борел, со кого разговарале за отворањето на преговорите за членство со ЕУ пред крајот на оваа година, како што очекува С. Македонија.
Од страна на шефот на европската дипломатија било нагласено дека С. Македонија треба да продолжи, и да се забрза исполнувањето на реформите што ги бара Европската Унија, посебно во делот на правосудството и борбата против корупцијата и организираниот криминал. Борел истакнал дека е потребно да се работи на добрососедските односи исто така.
Се очекува од Вархеји денеска да стигнат слични пораки. С. Македонија е во исчекување на зелено светло за почеток на преговори, а претходно земјите членки на ЕУ треба да се усогласат за преговарачката рамка за овој процес, рамка за која резервираност изрази Бугарија поради нерешени прашања помеѓу двете земји.
Османи вчера добил охрабрување од европратениците со кои се сретнал дека ќе помогнат С.Македонија да добие зелено светло до крајот на оваа година, за да може првата меѓувладина конференција да се одржи во декември.
Comments are closed for this post.