Министерот за надворешни работи Бујар Османи информира дека продолжува комуникацијата меѓу Скопје и Софија во насока на изнаоѓање решение, додека бугарскиот премиер Бојко Борисов изрази надеж дека следната година ќе се најде заедничко решение за продолжување на процесот на интеграција на земјава во Европската Унија.
Комуникацијата помеѓу нас и Република Бугарија продолжува. Сметаме дека независно од она што се случи, тоа не смее да влијае на односите помеѓу нашите две држави и во барањето на решение за да се надмине оваа пречка и да продолжиме понатаму во процесот. Очекувам веднаш по новогодишните празници да продолжиме со комуникација за изнаоѓање решение, нагласи Османи.
Коментирајќи ја изјавата на неговата бугарска колешка Екатерина Захариева дека „не сите земји се за членство на Македонија во ЕУ“, Османи посочи дека апсолутно е јасна поддршката за нас од страна на сите преостанти 26 земји членки на Унијата.
Апсолутно е недвосмислена поддршката на сите други земји членки на ЕУ во однос на потребата и нивните очекувања за одржување на првата меѓувладина конференција во декември. И тоа не само заради тоа што тоа е принципиелна нивна поддршка, туку и заради тоа што е заслужена, рече Османи, додавајќи дека е охрабрувачка поддршката што ја добиваме од сите други 26 земји членки на ЕУ, кои сметаат дека билатералните прашања не треба да бидат дел од европскиот процес, односно да го условуваат европскиот процес.
Тој смета дека и Бугарија посакува и го поддржува членството на регионот во Унијата, бидејќи тоа е од нејзин геостратешки интерес, посочувајќи дека засега од официјална Софија не е добиен одговор на нон-пејперот што специјалниот пратеник Владо Бучковски го предаде на државниот на Бугарија.
Се уште го разгледуваат и ќе добиеме одговор, така што на првиот одговор ние веќе ќе одговориме со следен чекор како понатаму, појасни Османи, одговарајќи на прашања по промоцијата на специјалното издание на поштенска марка по повод 25 години од воспоставувањето на дипломатските односи помеѓу земјава и САД.
На промоцијата преку видеоконференциска врска се обрати и американскиот помошник државен секретар за европски и евроазиски прашања Филип Рикер кој нагласи дека како и во сите изминати 25 години, целите на САД за Македонија за мир и просперитет остануваат исти, како и поддршката за евроатлантски пат.
Нашето партнерство ќе продолжи и понатаму во претстојните недели и месеци по промената на администрацијата во САД, рече Рикер.
Бугарскиот премиер Бојко Борисов, на седница на неговата Влада на која беше донесена одлука дел од секое количество вакцини против Ковид-19 што стигнуваат во Бугарија, да биде наменето за земјава во форма на донација, изрази надеж дека следната година ќе се најде заедничко решение за продолжување на процесот на интеграција на државава во Европската Унија.
Се надевам дека следната година со Захарева и Каракачанов ќе пронајдеме заедничко решение за интегрирањето на Македонија во Европската Унија, како што ја поддржавме и за НАТО. Така што не се случи ништо страшно, прашање на политичка волја и од двете страни е да стигнеме дотаму, изјави Борисов на седницата на бугарската Влада, на која присуствуваше и министерот за здравство Венко Филипче.
Поранешениот бугарски министер за надворешни работи Соломон Паси, пак, смета дека во контекст на евроинтеграцијата потребно е Македонија и Бугарија, како две соседни земји, да спроведат масивна размена на програми во областа на образованието на сите нивоа.
Се плашам дека во Бугарија имаме многу твдоглав консензус кој не е во рацете на кој било министер, па ниту во рацете на Захариева. Не би рекол дека имаме краткорочни решенија, туку долгорочни решенија. Затоа го нагласувам образованието. Да ги поврземе универзитетите, академиите, студентите и младите. Да не гледаме во историјата, туку во иднината пред нас, изјави Паси.
Тој е убеден дека преговарачки процес на земјава за членство во ЕУ ќе трае пократко отколку тој на Бугарија, која преговараше со Унијата од 1999 до 2005 години.
– Во 1963 година претседателот Кенеди за време на посетата на Берлин рече „Јас сум Берлинец“, што доведе до паѓање на Берлинскиот ѕид некоку децении подоцна. Денес за време на германското претстедателство јас би сакал да кажам „Јас сум Македонец“ затоа што како Македонец би можел да бидам покорисен во напорите за вашето членство во ЕУ, бидејќи моето искуство вели дека клучот за членството е многу повеќе во рацете на апликантот, отколку во страната на која и се приклучувате, порача Паси на онлајн НАТО Форумот „Евроатлантските вредности и општествените предизвици низ призмата на образовниот процес“ организиран од ГАУС Институтот – Битола
Според него, би било добро земјава и Бугарија да прифатат иста временска зона.
Сега имаме еден час разлика и без оглед која зона ќе ја прифатиме, Македонија источното време или Бугарија бриселското време, да имаме зедничка зона. Двете православни цркви исто така можат доста да помогнат да се прогласат истите религиозни календари, изјави Паси, додавајќи дека сега откако земјава стана членка на НАТО, следна цел е „да ја видиме и во ЕУ“.
Бугарскиот Центар за анализа и кризни комуникации оценува дека односите на Софија со земјава се една од шест можни кризни ситуации за Бугарија во текот на следната година, што може да прерасне во комуникациска криза и да му наштети на имиџот на државата.
И во двете земји говорењето на оваа тема е оставено на самоволието на екстремните мислења и ова прашање има потенцијал да стане заложник на псевдо-патриотски политички формации. Недостасува стратешка комуникација од страна на Владата, за темата не се зборува во целост пред нашето општество, но таа не е добро презентирана ни пред европските партнери, оценува Центарот.
Поради сето ова, според авторите на анализата, би можело да се каже дека „ситуацијата со Република Македонија има потенцијал да прерасне во комуникациска криза“.
Така, овој, во моментов дипломатски случај, претставува опасност да се одрази негативно на имиџот на нашата земја во отсуство на соодветна комуникација низ цела ЕУ, смета Центарот, посочувајќи дека односите на Бугарија со земјава се меѓу факторите што може да придонесат за влошувње на имиџот на Софија пред европските партнери.
Comments are closed for this post.