Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски и неговиот претходник Бујар Османи влегоа во полемика околу толкувањето на Охридскиот рамковен договор и унитарниот карактер на државата.
Муцунски во интервју за Канал 5 го обвини Османи дека по неговата кандидатура за градоначалник на Чаир „упатил опасни наративи за нарушување на унитарниот карактер на државата“, што според него се „штетни дури и за регионалната стабилност“. Муцунски најави дека ќе се преземат проактивни мерки за спречување на такви наративи, истакнувајќи:
„Зборуваше за т.н автономија во одлучувањето, практично отвараше теми за создавање држава во држава… Јасно треба да му биде дадено до знаење дека унитарниот карактер никој нема да го наруши. Оваа држава, ниту била ниту ќе биде федерација или конфедерација. Ваквите повици се опасен наратив,“ вели Муцунски.
На овие обвинувања Османи на својот профил на Фејсбук возврати дека во „начелата и принципите на Охридскиот мировен договор е пресликан современиот модел на соживот и функционалната унитарност“, нагласувајќи дека државата останува унитарна, но со јасни механизми за заштита на колективните права на заедниците. Османи потенцира дека:
„Вистинското вреднување на овој механизам не ја загрозува, туку ја зајакнува внатрешната кохезија како основно врзивно ткиво на унитарноста на државата,“ и дека секој што го оспорува овој модел „директно удира во темелите на современата државност“ и интересите на сите граѓани, пишува Османи на својот профил на Фејсбук.
Според него, решението е во почитување на духот и механизмите од Охридскиот договор, како што се правична застапеност, децентрализација и поддршка за колективните права, а не нивна политичка инструментализација.
„Охрид не е проблемот – Охрид е решението. Исто како и Преспа, исто како и Договорот за пријателство со Бугарија. И уште еднаш – тој што не го разбира тоа или не сака да ја прифати таа реалност директно и наштетува на иднината на земјата“, вели Османи.
Муцунски остро возврати:
„Бујар Османи беше дел од власт во која Македонците беа малцинство – и тоа не му пречеше. Напротив, одлуки се носеа и во Владата и во Собранието без македонско мнозинство – и сè беше во ред, демократски, европски.
Но денес, кога постои јасно демократско мнозинство, кога народот – независно од етничка или каква било друга припадност – избра промени, тоа (според него) станува ’проблем за соживот‘.
За Османи, проблемот не е во моделот – проблемот е што ДУИ повеќе не е на масата“.
Понатаму додава:
„Интересно е како некои личности, кога се на власт, се прогресивни Европејци, а штом ќе дојдат во опозиција, одеднаш стануваат апостоли на дестабилизација и поделби. Ние, во меѓувреме, работиме да ја поправиме штетата што ја оставивте – дома и надвор. Со работа, со принципи, со почит. Не со закани и со манипулации. Демократијата не е валидна само кога сте дел од власта. А граѓаните веќе го кажаа своето – јасно, на избори“.
Муцунски вели дека верува во соживот, во дијалог, и во иднина изградена врз вредности, еднаквост и напредок.
„За разлика од него (Османи), секогаш сум работел на обединување – затоа што сакам да живееме во држава што ги поврзува луѓето, не ги дели. Во држава што гради, не руши. Современа. Самоуверена. Европска“, заклучува Муцунски.
Comments are closed for this post.