Доколку Европската унија не одговори позитивно на напредокот на Северна Македонија, ќе го поткопа сопствениот кредибилитет, ќе ја загрози европската перспектива на регионот, а со тоа и самиот процес на проширување, онаков каков што го знаеме, изјави вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи на Самитот на „Економист” на тема „Зајакнување на моментумот за европска интеграција” во Скопје.
Тој, сепак, посочи дека се надева и е убеден во позитивниот исход за земјава. Истакна дека почетокот на пристапните преговори ќе биде одлична можност за сите нас да создадеме постабилна, побезбедна, попросперитетна Европа, а обединета ЕУ со посилен консензус нема да се смета како проблем, туку ќе биде можност за сите.
Османи се осврна и на актуелните случувања во земјата и регионот поврзани со проширувањето на ЕУ, во контекст на очекуваните резултати и одлуки од претстојниот Европски самит во октомври. Притоа, тој го потенцираше успехот на Македонија во затворањето на поголемите прашања со соседите, како и спроведените европски реформи, со што стана лидер во ширењето на европската идеа на Балканот.
Самитот во октомври е клучен темел за иднината на интегративните процеси на ЕУ и целиот прогрес којшто досега беше постигнат е директно врзан со одлуката на Советот на ЕУ, рече Османи во обраќањето на Самитот.
Османи повтори дека Самитот во октомври ќе биде темел и за европската идеја на овој регион и главна пресвртница на процесот на проширувања.
Comments are closed for this post.