Обвинителките Жаклина Крстевска Јосифовска и Ана Стојковиќ Димитровска во случајот со убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски пред денешното рочиште изјавија дека има материјални докази кои го поврзуваат првообвинетиот Љупчо Палевски-Палчо со двете убиства.

Има материјални докази кои го поврзуваат првообвинетиот Љупчо Палевски Палчо со убиствата на малолетната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски, изјавија тие.

Во однос на тврдењето на обвинетиот Влатко Кешишов, кој го смени првичниот исказ и тврди дека Палевски не бил на местото на убиствата, туку спиел во партијата, обвинителките рекоа дека оваа изјава на Кешишов нема материјална вредност.

Оваа изјава нема доказна вредност, а обвинетите ќе имаат можност да дадат своја одбрана во текот на судењето, рече обвинителката Стојковиќ Димитровска.