Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција одлучи дека нема основа за гонење на ексгенералниот секретар на Владата Драги Рашковски во предметот за спорниот тендер за набавка на радарски систем за М-НАВ, државна компанија за управување и контрола на цивилниот воздушен сообраќај во Македонија.

Од Обвинителството за МКД.мк потврдија дека надлежен јавен обвинител утврдил дека нема место за јавнообвинителско постапување и со решение ја отфрли пријавата.

Постапувајќи по предметот во врска со правното лице М-НАВ, надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција утврдил дека правното лице М – НАВ АД Скопје склучило Договор за заем без државна гаранција со Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), а не постапка за јавна набавка за набавување на АТМ систем.

Проектот, велат од Обвинителството е во тек и не се изминати предвидените рокови за реализација.

Секоја фаза предвидена во Договорот за заем се реализира согласно политиките и правилата за набавка на ЕБОР, односно се анализира и претходно одобрува од страна на ЕБОР. Враќањето на средствата го врши правното лице М-НАВ АД Скопје, од сопствената сметка, иако станува збор за акционерско друштво во државна сопственост, согласно Законот за трговски друштва, акционерските друштва во правниот промет настапуваат со сметка на самото друштво, поради што во никој случај не може да стане збор за штета на Буџетот на РС Македонија. Оттука, надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција утврди дека нема место за јавнообвинителско постапување и со решение ја отфрли пријавата, велат во одговорот од ОЈО ГОК за МКД.мк.

Предметот за Рашковски и за тендерот за набавка на радарска опрема беше отворен по допрен глас по објавувањето на аудио снимка на една руска социјална мрежа на која се слуша и гласот на генералниот секретар на Владата како разговара со претставници на италијанската компанија „Леонардо”.

„По реакциите во јавноста во кои обвинителството се повикува да го расветли случајот со спорниот тендер за набавка на радарски систем, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ја известува јавноста дека веднаш по објавената аудиоснимка е отворен предмет по допрен глас. Кон предметот е споена и кривичната пријава поднесена од ВМРО-ДПМНЕ, а во август јавен обвинител издаде наредба до МВР за прибирање на севкупната документација за предметот. По извршената темелна анализа ќе се донесе јавнообвинителска одлука за натамошниот тек на постапката”, соопштија од Обвинителството во септември, минатата година.

На 5 август, лани Државната комисија за спречување на корупцијата соопшти дека отвора предмет за јавната набавка за инсталација на радарскиот систем за управување со воздушниот сообраќај и за улогата во оваа набавка на генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски.

Скандалот изби откако беше објавена снимка на која се слуша како генералниот секретар Рашковски договара детали за проектот вреден над 7 милиони евра и изборот на италијанската фирма „Леонардо”.

Во целиот овој случај е интересно тоа што целокупната постапка во врска со овој тендер била завршена од претходната влада.

Изборот на компанијата „Леонардо“ бил завршен, Европската банка за обнова и развој (ЕБРД) која го финансира овој проект дала согласност, сите документи биле потпишани и градбата и инсталирањето на опремата требаше да почне уште во 2017 година. И тогаш и сега претседател на УО на М-НАВ беше Николче Тасески. Никој ништо не зборува за неговата улога кога веќе беше потпишан договорот со „Леонардо“, и потоа кога истиот човек се согласил да биде оспорен тој договор.

По оваа одлука на обвинителството на јавноста се повеќе и е јасно дека во нашата земја не се одговара за сторен криминал, а доказ за жал не е само овој случај на власта, туку и десетици претходни.