Државата веќе му го одзеде имотот на бизнисменот Сеад Кочан, осуден за добивање на незаконски тендер од страна на „Електрани на Македонија“. На местото на неговата компанја „Трансмет“ кај 26 недвижнини Катастарот како нов сопственик ја запиша државата, оносно Агенцијата за управување со одземен имот. Одземени се деловни простории, куќи и станови, како и земјиште.

Од Агенцијата за управување со одземен имот велат дека останати се само 24 возила. Кој ќе ги земе ќе одлучи стечајниот управител на „Трансмет“ зашто тие се ставени под залог на банките. Дилемата е сега кој има предност за конфискација, државата или банките кои исто така имаат побарувања од Сеат Кочан поради неисплатени кредити.

Конфискуваниот имот ќе оди на продажба. Но пред секоја продажба треба да се знае вредноста, а проценка прави Бирото за судски вештачења. Судот ни даде проценка на имотот, но таа има рок на траење само шест месеци, велат од Агенцијата за управување со одземен имот.

Според правосилната пресуда на Судот треба да биде конфискуван имот во вредност околу 17 милиони евра, толку колку што изнесува штетата направена врз буџетот, кога конзорциумот на Трансмет и Силекс неметали го добиле тендерот за ископ на јаглен од РЕК Битола. По продажбата на имотот парите треба да се вратат во државниот буџет.

Централниот регистар го одобри барање за одење во стечај на „Трансмет“. Државата таму сега треба да назначи и стечаен управител.