Уставниот суд денеска одлучи да не поведе постапка за иницијативите за оценување на уставноста на членот 110 од Законот за јавното обвинителство од 2020 година, кој предвидува дека обвинението не може да биде засновано врз основа на незаконски прислушувани материјали, освен во предметите на поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО) кои се поднесени до надлежните судови заклучно со 30 јуни 2017 година, согласно Законот за јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, попознат како Закон за СЈО, пишува Слободен печат.
Уставниот суд цени дека сите оспорени одреби во иницијативите за оценување на уставноста се во согласност со Уставот и затоа не покрена постапка.
Со оваа одлука практично се затвора прашањето за уставноста и законитоста на употребата на незаконски прислушуваните разговори, популарно познати како „бомби“, кои се користени или ќе бидат користени во кривичните постапки како докази или како индиции, согласно Законот за јавното обвинителство.
До Уставниот суд се поднесени две иницијативи со кои се оспорува членот 110 од Законот за Јавното обвинителство, една од Светскиот македонски конгрес, а втора од адвокатот Влатко Илиевски
Во оспорената одредба е предвидено дека ЈО не може да го заснова обвинението врз основа на незаконски прислушувани материјали, а со исклучок на предметите на СЈО поднесени до судовите до 30 јуни 2017 година. За предметите покренати по 30 јуни 2017 година бомбите може да се користат само како индиции и врз нивна основа не може да се заснова обвинителен акт или обвинителен предлог и не можат да бидат предложени и употребени како доказ во постапката. Овој член во став 4 предвидува и дека бомбите што се користат како индиции ќе се уништат во рок од три месеци по завршување на целата судска постапка сосе постапките по вонредни правни лекови, а согласно со одредбите за уништување на материјалите од посебните истражни мерки, утврдени со закон.
Според одлуката на Уставниот суд, овој член од Законот за Јавното обвинителство не се коси со Уставот на РС Македонија.
Во иницијативата на Светски македонски конгрес (СМК) се наведува дека со овој член флагрантно се кршат основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, се нарушува владеењето на правото и не се почитуваат општоприфатените норми на меѓународното право, се нарушува еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите, се повредува неприкосновеноста на физичкиот и моралниот интегритет на човекот, а со незаконито преземените јавнообвинителски и судски постапки и изречени притвори и затвори е повредена неприкосновеноста на слободата на човекот. Според СМК на лицата кои биле притворени и казнети по незаконити докази им се повредува уставното право дека никој не може да биде казнет за дело за кое пред да биде сторено не било утврдено со закон како казниво дело.
Во иницијативата од Влатко Илиевски се оспорува став 2 од членот 110 од Законот за ЈО, поради повреда на владеење на правото, еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите, неповредливоста на писмата и на сите други облици на комуникација и заради забрана на ретроактивно дејство на законите од Уставот. Според подносителот, до поднесување на иницијативата уште не било докажано кој го наредил прислушувањето на материјалите кои биле искористени од страна на СЈО како доказен материјал за обвиненијата поднесени до 30 јуни 2017 година. Подносителот навел и дека „легализирањето на незаконски прислушуваните разговори, селективно извадени од Обвинителството од содржината на стотиците илјади незаконски прислушувани разговори во период од осум години е груба повреда на правото на приватност и е во спротивност со критериумот Неопходност во услови на демократско општество, на кој упатува став 2 од Амандманот 19 од Уставот, затоа што не постоела пропорционалност со легитимната цел која требало да се постигне.
Извор „Слободен печат“
Comments are closed for this post.