Јавното oбвинителство во наредните две недели ќе излезе со информации за резултатите од предистражната постапка за бегството на поранешниот премиер Никола Груевски и начинот на кој ја напуштил земјава. Наредната недела претставници од Обвинителството ќе одат во Црна Гора да ги земат видео материјалите поврзани со овој случај, а од Албанија се бара и таа што поскоро да ги достави материјалите со кои располага.
Добивме информација од колегите од Црна Гора дека ги прибрале сите снимки кои ни се потребни и во понеделник или вторник ќе одиме да ги преземеме. Колегата вчера ургираше во Албанија да ни се достават што поскоро материјалите што тие ги имаат, изјави денеска обвинителката Вилма Рускоска одговарајќи на новинарски прашања пред одржувањето на конференцијата поврзана со борбата против корупцијата.
Таа додаде дека прегледувањето на снимките што ги имаат е веќе при крај и најави дека очекуваат во наредните две недели да излезат со соопштение за резултатите од предистражната постапка.
Во врска со фотографијата на Никола Груевски што беше објавена вчера во медиумите и по социјалните мрежи, Русковска истакна дека најверојатно ќе преземат активности да видат од каде потекнува и кој ја сликал. Со оглед на тоа што на неа покрај Греувски, за кој се тврди дека е сликан во Будимпешта, е препознат и еден од обвинетите за случајот на СЈО „Насилство во општина Центар“, Рускоска истакна дека во Обвинителството ќе бидат повикани сите за кои се смета дека можат да дадат одредени информации во врска со бегството на Груевски.
Ние и досега имаме сослушано од неговото обезбедување така што ќе продолжиме во таа насока, рече Рускоска.
Министерката за правда Рената Дескоска рече дека засега немаат ништо ново во врска со барањето за екстрадиција на Груевски од Будимпешта, каде што унгарските власти му дадоа политички азил.
Ние се уште немаме добиено ништо од Унгарија во поглед на нашето барање за екстрадиција. Сепак, оние пристојни рокови не се изминати. Ќе чекаме одредено време и доколку после тоа не добиеме одговор ќе испратиме ургенција, рече Дескоска.
Поранешниот премиер Никола Груевски пред еден месец избега од Македонија за да не ја издржува двегодишната затворска казна за случајот „Тенк“. Со помош на унгарски дипломати, преку Албанија, Црна Гора и Србија избега во Унгарија, каде што побара и доби политички азил.
Македонските власти по Груевски распишаа меѓународна потерница и побараа тој да биде екстрадиран во Македонија.
Груевски е обвинет во неколку предмети на Специјалното јавно обвинителство, за што Собранието му го одзеде имунитетот, а за дел од нив во отсуство му е одреден и притвор.
Вчера, новинар на британски „Гардијан“ на Фејсбук објави фотографија од Груевски во Будимпешта, прва по неговото бегство од Македонија.
Comments are closed for this post.