Македонските граѓани одамна заслужија почеток за преговори со Европската Унија, тоа е нешто што Македонија го заслужува. За жал блокадата од Бугарија стои, едно непринципиелно вето и вето кое ги поткопува темелите на македонската држава, македонскиот национален идентитет и македонскиот јазик, изјави потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски одговарајќи на новинарско прашање при посетата на општина Неготино, поврзано со бугарските барања и ветото во ЕУ.
Николоски истакна дека Европската Унија треба да изврши силен притисок врз Бугарија, со цел во јуни да се тргне ветото и Македонија конечно да добие датум за почеток на преговори.
– Барањата коишто ги има Бугарија се под секое национално достоинство и не мислам дека треба да се разговара нити за засебноста на македонскиот народ ниту за посебноста на македонскиот јазик, тоа се дадени работи и основни човекови права на Македонците, рече Николоски.
Тој потенцираше дека многу сериозно треба да се разговара за 14 неспроведени пресуди од страна на Бугарија, кои ги донесе Европскиот суд за човекови права од Стразбур, а кои се однесуваат на македонското малцинство во Бугарија.
Comments are closed for this post.