Прославата на Движењето во основање „Дом на македонската култура“ и на „Виножито“, во селото Пателе, крај Лерин, сепак се одржала и покрај големиот притисок и заканите од стотината неонацисти од партијата Златна зора, дознаваме од организаторите на собирот. Наместо во 20, прославата, на која на забавата свирела познатата група Музикорама, почнала во 22 часот и завршила меѓу 04 и 05 часот изутрината.

И откако веселбата заврши во околината на хотелот се уште имаше полициски сили. Нацистите си заминаа во 21.30. Стотици полицијаци беа во Пателе и околина цели 20 часа затоа што нацистите сакаа да направат уште демонстрација на сила во едно македонско село – стои на Фејсбук профилот на Павле Воскопулос Филипов.

Оргаизаторите на настанот велат дека мисијата на полицијата била тешка, но многу важна. Неонацистите, сепак, после повеќечасовен притисок и обид да влезат во селото, се повлекле, а во Пателе почнале да доаѓаат Македонците.

Меѓутоа партиите во грчкиот парламент се уште не објавиле никаква реакција за настанот. Што чекате господа? – прашуваат организаторите на овој настан.

Инаку, на прославата се пееле македонски народни песни, се слушале гајдата и тапанот и оддекнувало „Горе главата браќа“!

Претходно на социјалните мрежи „Златна зора“ се фалеше дека извојувале голема победа против „Македонците“. Но, очигледно е дека тие овој пат не успеале во тоа, пред се, благодарение на полицијата, која, како што велат органозаторите, „морала да работи стотици часови прекувремно платена работа“.

Собирот беше закажан во сеото Пателе од друштвото во основање „Дом на македонската култура“. Тоа е името на институцијата која партијата „Виножито“ со децении се обидува да го регистрира, за тоа има пресуди од Судот за човекови права во Стразбур, но грчката држава никогаш не ја спроведе пресудата.

.

На социјалните мрежи, поддржувачите на неофашистите објавуваат дека „Виножито, со седиште во Лерин, е формирана со поддршка и со пари од Скопје“, што не е точно, туку е лажна информација за да предизвика и поттикне насилство кај граѓаните, пред се, во околината на Лерин, но и во поширокиот регион на северна Грција.