Во време кога се погласно повикува на избори, власта ја преполнува администрацијата, иако велеа дека е преполна, преобемна и преинертна, изјави на прес-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.
Со најновиот предложен ребаланс на буџетот, Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, Фондот за здравствено осигурување и Агенцијата за вработување добија повеќе пари. Така, од една страна има тивко признание дека буџетот колабирал и дека нема пари за пензии, плати и придонеси за државните и јавни службеници, а во исто време секој ден се објавуваат стотици огласи за нови вработувања во администрацијата, потенцира тој.
Стоилковски посочи и дел од огласите, па така во секторот за шумска полиција се отвораат 45 работни места, во Царинската управа 58, во Дирекцијата за ТИРЗ 24, во Институтот за јавно здравје 25, во Централниот регистар 20, и во АВРМ и Министерството за правда по 8.
Наместо да сопре занесот на самоволие и беззаконие, очајнички се исцедува секој денар од буџетот, продолжуваат задолжувањата, за сега да се допартизира администрацијата на СДСМ. Наскоро граѓаните ќе ја испратат оваа криминална власт за една намена во историјата каде ќе останат како спомен за најнеспособна, најрасипничка и најненародна власт со една единствена цел, рече Стоилковски.
Владејачкиот СДСМ веднаш возврати со соопштение во кое се нагласува дека ВМРО-ДПМНЕ нема апсолутно никаков кредибилитет да зборува за состојбите во администрацијата.
Преку започнатите реформи, според СДСМ, државната администрација се професионализира, а институциите работат во интерес на граѓаните, што е препознаено и од ЕУ, кадешто во Извештајот од Европската комисија, Македонија за првпат е оценета позитивно, со добар напредок во администрацијата.
Огласите за вработување во државните институции, се вели во партиското соопштение, се во насока на пополнувања планирани позиции и зголемена ефикасност и истите се јавни, транспарентни и со еднакви критериуми за сите. Редовната исплата на плати и пензии воопшто не е доведена во прашање, а преку Предлог ребалансот на Буџетот за 2018 ќе им се помогне на општините да се справат со долговите оставени поради расипничкото и криминално владеење токму на ВМРО-ДПМНЕ.
Comments are closed for this post.