Владата не размислува да побара од АМВУ да им наложи на кабелските оператори да ги исклучат бугарските телевизии кои емитуваат навредливи содржини против Македонците и македонската историја.

„Република“ ја праша владата што ќе преземе по ова и оттаму добивме одговор дека радиодифузијата и емитувањето на медиумски содржини е пред сѐ прашање на слободниот економски и медиумски пазар и Македонија, и во Бугарија.

Операторите се тие што сами одлучуваат кој канал ќе го имаат во понудата-велат од Владата за „Република“.

Ја прашавме дали се информирани дека Македонската телевизија не се емитува во Бугарија иако според договорот на поранешниот преговарач Бучковски требаше да има реципроцитет.

НРТВ се емитува на сателит, а тоа значи дека сите оператори на територија на Европа, вклучувајќи ги и оние во Бугарија, можат да ги преземаат и емитуваат нашите канали. Со тоа се исполнети сите технички предуслови од наша страна.Во духот на унапредената и добра соработка која периодов ја развиваме со Бугарија, она што можеме да го направиме како Влада е дека ќе се заложиме да ги поттикнеме радиодифузерите, продукциите да ги нудат и прават своите програмски содржини достапни, тие медиумски содржини да бидат ослободени од говор на омраза и да промовираат соработка и добрососедство, а операторите да прифаќаат да ги емитуваат овие содржини и да придонесуваат со тоа кон достапност на содржини во кои се почитува достоинството на граѓаните од двете држави.Заемна соработка во таа насока очекуваме и од дистрибутерите на телевизиските содржини. Размена на содржини во сите области добро е да има, како во економијата, така во културата, па така и во делот на медиумските содржини-додаваат од владата.

Во Македонија на неколку кабелски оператори се емитува „БНТ 4“. Оваа телевизија речиси секојдневно емитува содржини кои директно задираат во македонскиот идентитет. Па така, на бугарската телевизија се славеше Сантефанскиот мировен договор според кој Македонија е дел од Бугарија.

Исто така се емитуваат документарци во кој се тврди дека во Македонија се учи фалсификувана историја.

Во Македонија се гледа и бугарската музичка телевизија „Фен ТВ“ на која одат спотови од македонски изворни песни кои се потпишани како бугарски.