Денеска продолжува состанокот на комисијата за историја меѓу Бугарија и Македонија. Нема речиси никакви официјални информации што се говорело во Софија и дали има некаков напредок.
Главна точка требаше да биде Цар Самоил за кого Бугарија бара секаде да биде наведено дека е бугарски владетел.
И ако историчарите не сакаат да обелоденат што преговараат и договараат, граѓаните кажаа што мислат.
Голем дел од нив не се расположени за прифаќање на бугарските барања, особено оние што се однесуваат на јазичните и идентитетските прашања, дури и ако тоа би значело деблокирање на евроинтегративниот процес, покажува анализата на јавното мислење за македонскиот процес на пристапување кон ЕУ.
Власта пак е упорна да потпише нов договор со Бугарија.
Нашата цел е сите прашања за кои се разговара со Бугарија да ги ставиме во еден сеопфатен документ, за да нема нови барања по патот и да имаме писмени гаранции кои се наши обврски, а кои бугарски, изјави вчера вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ.
Според него, од интерес на земјата е детално да бидат дефинирани барањата и да бидат посведочени од ЕУ, за да може да ги имплементираме и кога ќе го завршиме тоа, да се тргне блокадата низ сите фази од преговорите.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски пак побара цврсти гаранции од ЕУ за заштита на македонскиот идентитет.
Петков ќе барал од Брисел гаранции за внесување на бугарското малцинство во македонскиот Устав. Тогаш, и ние бараме, од Брисел и официјална Софија, гаранција за македонскиот јазик, народ и идентитет. Гаранција дека до денот на зачленувањето на Македонија во ЕУ, на ниту една друга земја членка нема да ѝ пречат истите овие нешта, напиша лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Comments are closed for this post.