Социјалдемократскиот сојуз ќе ги почитува препораките и мерките на Владата за справување со коронавирусот и своите предизборни активности ќе ги води преку медиумите, социјалните мрежи и преку лајфстриминг, порача денеска лидерот на партијата Зоран Заев по лидерската средба во Владата свикана на барање на премиерот Оливер Спасовски.

Здравјето на граѓаните е највисок прироитет за сите институции и политички субјекти. Здравјето секому треба да му биде над сè останато, изјави Заев, додавајќи дека политичките партии треба да бидат пример за почитување на инситуционалните препораки.

Тој рече дека не се разговарало за одложување на изборите и оти начинот на водење на предизборната кампања ќе биде усогласен со мерките и препораките и оти тие се за доброто на сите граѓани за брзо и ефикасно справување со ситуацијата.

Апелираше до родителите на кои им е онезвоможено правото да отсуствуваат од работа да го пријават во Државниот трудов инспекторат, а до граѓаните да не веруваат на лажните вести, туку на официјалните податоци што ги објавува Министерството за здравство.

Имаме должност и одговорност сите да ги следиме. Апелирам сите да не мрднеме ниту милиметар од препораките. Институциите покажаа капацитет за справување со ситуацијата и убеден сум дека ако сите се спротиставиме заедно, оваа состојба набрзо ќе биде надмината, истакна Заев.

 

 

Изборната кампања за предвремените парламентарни избори ќе се адаптира на актуелните услови заради коронавирусот и ќе се води на алтернативни начини, вклучувајќи и преку социјалните медиуми. Засега нема најава за одлагање на изборите – изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски по лидерската средба во Владата.

На средбата, како што рече Мицкоски, биле информирани за моменталната ситуација со коронавирусот, за мерките, препораките и забраните и се договориле, доколку има потреба, да се продолжи со ваквите средби.

Средбата повеќе беше од информативен карактер, отколку за политички теми. За нас е од големо значење и справувањето со економските последици по коронавирусот. Тие ќе бидат огромни и по светската економија, а Македонија не може да е имуна – рече Мицкоски.

Одговарајќи на новинарско прашање, тој кажа дека во однос на изборите не се разгледала можност за нивно одлагање. Мицкоски кажа дека кампањата ќе се води на алтернативни начини, со оглед на забраната за собири.

Тоа е забрана со определена одговорност. Мора да се почитуваат законите не може да постапувате волонтуристички. Се додека има забрана нема собирања – додаде Мицкоски.