Бугарскиот европратеник од редовите на ГЕРБ, која припаѓа на Европската народна партија, Андреј Ковачев, го следи и чита нашиот портал „Република.мк“. И има зошто. Порталот „Република“ одамна е веродостоен медиум.

И знаејќи го тоа Ковачев изрази подготвеност и побара интервју со него во било која форма-преку вибер, скајп, меил, директно кај него или во нашето студио!

А, повод за тоа најде во една вест, што ја пренесе Република.мк, насловена како „Андреј Ковачев во ЕП тврди дека Бугарија ги спасила Евреите, а не дека ги пратила во Треблинка“. Неговиот асистент со брзина на светлината дури од Брисел реагираше со барање за демант.

-Ние изразивме длабоко жалење за тоа што се случувало со депортираните од тогашните окупирани од германскиот рајх Македонија и Беломорска Тракија, кои трагично го завршуваат својот живот во концентрационите логори на нацистите, рекол точно во Европскиот парламент, Андреј Ковачев.

„Република.мк“ професионално, по речиси целодневна меѓусебна преписка, објави што точно рекол бугарскиот европратеник. Меѓусебната комуникација се одвиваше на три јазика-на бугарски, на македонски и на англиски.

Значи, Ковачев ја следи и чита Република на македонски, возвраќа на бугарски, јазик што ние не го знаеме и разбираме, а за да дознаеме за што точно станува збор го користевме англискиот. Е, сега, ако бугарскиот европратеник смета дека нашиот македонски го пишуваме на „српска машина за чукање“ или на лош западнобугарски дијалект, тоа е само негов проблем, но не и наш.

Андреј(а) е велико име. Име на еден од дванаесетте Христови апостоли, инаку брат на св.Петар, рибар по професија и ученик на св.Јован Крстител. Оттука, според Евангелието по Јован, уште е наречен и Првоповикан, зашто Исус го именувал и како „јагне Божјо, што ги собира сите гревови на овој свет“. Имал лоша судбина. По наредба на градоначалникот на Патрас, св.Андреј бил распнат на крст, но не како Исус, туку во форма на буквата Х. Два дена и две ноќи апостолот се мачел пред да ја испушти душата.Така вели преданието.

А, во реалноста не знаеме дали „јагнето Божјо“ Андреј Ковачев „ги собира сите гревови на овој свет“, ама со сигурност знаеме дека ги собира гревовите на оваа генерација Македонци. Зашто, неговата политика кон Република Македонија и Македонците го манифестира целиот бугарски национал-шовинизам, историски ревизионизам, државен негационизам и триторијален експанзионизам.

И тоа може да се забележи и во демантот од Брисел. Андреј Ковачев изразува жалење за депортацијата на Евреите „од тогашните окупирани од германскиот рајх Македонија и Беломорска Тракија“. Што со други зборови значи дека Македонија, оваа нашата денешна Република, за време на Втората светска војна како Вардарска Македонија не била окупирана, туку само администратирана од царска Бугарија на Борис III! За некаков бугарски наци-фашизам, пак, ни збор не станува!

Со сосема спротивните факти од овие, што ги изнесува Ковачев, не спори „Република“. Напротив, спорат бугарски граѓански и еврејски здруженија, граѓани поединци, историчари, новинари, публицисти… Кои отворено и јавно повикаа државата Република Бугарија да се извини за улогата и учеството во холокаустот на Евреите во Втората светска војна.

И какво интервју со „Република“ и за што бара „јагнето Божјо“, Андреј Ковачев?! За да промовира добрососедство под плаштот на бугарскиот историски ревизионизам, државен негационизам и триторијален експанзионизам или за да го девалвира медиумот?!

Одговорот е јасен уште пред и да се постават прашањата. И за едното и за другото. Зашто, и тој самиот, а ние многу добро знаеме дека ќе се гледаме директно в очи, а и он и ние ќе чувствуваме „како да си ги глодаме черепите“! Е, такво „задоволство“ не заслужува ни нашата, а ни бугарската јавност.

Андреј Ковачев одамна ги потроши сите кредити за разговор со „Република“. Не за друго, туку за наша ментална и професионална хигиена.

Ако заборавил, еве ќе го потсетиме само на еден детал. „Јагнето Божјо“ Андреј Ковачев во октомври 2020 година ни порача наместо 11 Октомври да си одбереме некој друг ден за славење за почеток на борбата против фашизмот.

Зашто, тоа што се случило на 11 Октомври во Прилеп и Куманово не било почеток на војната, туку чист терористички чин! Нашите „клети“ комунисти и партизани, според него, да ти биле обични терористи!

Па уште ни даде и рецепт како сме требале да ја славиме и толкуваме антифашистичката борба. Фашизмот е негативен, и требало да има јасна антифашистичка, антинационал-социјалистичка, ама и антикомунистичка борба. Само тогаш работите би биле јасни, оти сега не се.

А, не, не, „јагне Божјо“ Андреј Ковачев. За да стигнеме до интервју, прво ќе треба јавно да обелодениш што точно му ветил бившиот премиер Зоран Заев на твојот политички гуру Бојко Борисов.

Потоа, ќе мораш да кажеш зошто Борисов го надмина дури и неговиот комунистички бос Тодор Живков, кој беше подготвен да ги признае Македонците како етнос без никакво временско ограничување.

Натаму, зошто тоа бугарски фашистички окупатор ви пречи во Република Македонија, но не и во Република Грција, во што е разликата во човековите права, кои по Варшавскиот самит на НАТО во 2016-та станаа услов за членство во Алијансата и оние, што сега ги барате од Република Македонија да ги почитува…

Да ни протолкуваш каде е одредницата со која македонизмот се одвојува од одродништвото, бугарско, се разбира. Патем, можеш и да ни кажеш на што се должи блискоста на ГЕРБ со директните наследници на македонските комунисти, многу повеќе отколку нивната блискост со бугарските социјалисти и вашата со ВМРО-ДПМНЕ како ваша сестринска партија.

За волја на вистината, ова последното и можеме барем до некаде да го разбереме. За наследникот на селскиот политички трговец од Муртино, премиерот намесник Димитар Ковачевски не е важно што мисли огромното мнозинство на македонскиот народ.

А, мислењето на мнозинството на народот не е важно само во два случаја. Прво, во случај на окупација, и второ, во случај на национално предавство. Очигледно, обајцата ви се погодија, што апсолутно не значи дека ви се погоди и Република. Тоа тешко дека ќе го дочекате, а уште потешко да ја девалвира „јагнето Божјо“ Андреј Ковачев.