Професорите Љубомир Фрчкоски и Владо Поповски ќе бидат главните оратори денеска во дебатата во Влада во рамките на следната фаза од петдневна расправа за уставните измени пред да се премине на гласање во Собранието.

Професорката Мирјана Најчевска пак  ја одби поканата на Владата да учествува на јавната расправа за уставните амандмани. Како причина за оваа одлука, Најчевска го наведува присуството на нејзиниот колега, професорот Поповски.

Најчевска за Поповски вели дека е човек со сите бои и за сите влади.

Компромисен. Неконфликтен. Човек кој ни во сон нема да се спротистави на ниту еден режим. И јас се заблагодарив и одбив: Почитувана, благодарам многу за поканата, меѓутоа јас одбивам да присуствувам на средби на кои главен говорник е Владо Поповски. Сметам дека Владо Поповски е дискредитиран како стручњак во повеќе наврати и дека има нанесено неверојатно голема штета во развојот на Македонија како правна и демокатска држава. Од тие причини, да одам на јавна расправа на која тој се појавува како посебен говорник за мене е не само понижувачко туку и невкусно“, напиша Најчевска на фејсбук.

Со јавната расправа во Владата започнува третата фаза од постапката за уставни измени во рамките на спогодбата од Преспа а ќе трае пет дена, заклучно со денешниот, по што дебатата ќе се сумира во извештај кој ќе биде испратен во Собранието, а потоа спикерот Талат Џафери ќе треба да закаже пленарна седница на која ќе биде потребно одобрување од двотретинско мнозинство.

На расправата предвидено е да говори и премиерот Зоран Заев, а во следните денови најавени се јавни дискусии и со други експерти.