Министерството за надворешни работи на Грција ги достави до грчкиот Парламент двата нацрт закона по потпишаните договори во Скопје за отворање на нови гранични премини меѓу Северна Македонија и Грција, едниот кај Мајден, другиот кај Маркова нога. Во вториот закон, се вклучени и членови и за подигнувањето на Канцеларијата за врски во Скопје на ниво на амбасада и на Канцеларијата за конзуларни, економски и трговски работи во Битола на ниво на Генерален конзулат, јави дописничката на МИА од Атина.
Едниот предлог закон е под наслов „Ратификација на Договорот меѓу Република Грција и Република Северна Македонија во врска со воспоставување нов граничен премин меѓу двете земји, што ќе ги поврзува Промахи во Република Грција со Мајден во Република Северна Македонија”, а вториот под наслов „Ратификација на Договорот меѓу Република Грција и Република Северна Македонија во врска со воспоставување нов граничен премин во регионот на Преспанското езеро и други одредби”.
Според информациите на дописничката на МИА од Атина, нацрт законите, прво, во текот на следната седмица, ќе се разгледаат на надлежната Комисија за национална одбрана и надворешни работи во грчкиот Парламент, а потоа ќе бидат доставени за ратификација на пленарна седница во Парламентот.
Согласно потпишаните договори, за изградбата и отворањето на граничниот премин кај Мајден ќе се користат фондови од Европската унија, а во договорот за граничниот премин кај Преспа, вклучени се и членови за подигање на нивото на Канцеларијата за врски во Скопје во амбасада и на Канцеларијата за конзуларни, економски и трговски работи во Битола на ниво на Генерален конзулат.
Comments are closed for this post.