Зоран Заев и 80-те очајни пратеници не добиле мандат да го бришат името, идентитетот, историјата, традицијата и културата. Ниту тие од СДСМ и владејачката коалиција, ниту оние кои го поддржаа Заев а беа избрани на листите на ВМРО ДПМНЕ и Коалицијата за подобра Македонија, не добиле глас за реализација на антидржавните политики, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.
Самиот Заев гарантираше дека Уставот нема да се менува бидејќи бил одлучен и европски. На измамникот Заев зборот му траеше од еден до друг криминален тендер и одлучи да се откаже од се што е македонско и да ги прифати грчките максималистички барања. Македонскиот Устав нема потреба и не треба да се менува. Тоа беше јасно порачано и од македонските граѓани кои не дадоа поддршка на референдумот и се спротиставија на менување на името на Република Македонија, нејзините историја, култура и традиција. Референдумот доживеа фијаско, граѓаните не дадоа легитимитет на промена на Уставот со цел промена на уставното име. Нивната волја, власта и пратениците мора да ја почитуваат, а не насилнички да ја погазуваат. Зоран Заев и СДСМ наместо да се соочат со волјата на граѓаните и да го признаат поразот, се решија да ја силуваат демократијата и институциите. На насилнички и крајно недемократски начин ги погазија правдата и правната држава и со тоа ставија точка за понатамошен демократски напредок на Република Македонија. Конечно на виделина се покажа вистинската причина за заднината на политичкиот прогон, монтираните и нарачани обвиненија на СЈО и настаните од 27 април и затворањето на пратеници, се наведува во партиското соопштение.
Според ВМРО-ДПМНЕ, крајната цел на целиот политички терор од страна на власта се покажа дека е уцена за обезбедување на двотретинско мнозинство во Собранието за да се спроведе преспанскиот договор и да се промени името на државата.
Ваквото насилство и силување на државата, но и волјата на македонскиот народ се повеќе го поларизира општеството и ја однародува власта. Погазени се човековите права и достоинството на граѓаните на Република Македонија на кои Зоран Заев им го одзеде правото на самоидентификација. Ова срамно и капитулантско дело на Зоран Заев нема никогаш да заживее кај македонскиот народ не се откажал и нема да се откаже од Македонија и од својот идентитет. Затоа Зоран Заев и СДСМ многу скоро ќе се соочат со граѓаните, а нивната ненародна и криминална власт ќе замине во историјата како единствена власт која потпишала бришење на името на Република Македонија, јазикот, културата, историјата и традицијата на државата. Македонија и македонскиот народ победувале и повторно ќе победат, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Comments are closed for this post.