Отворени се сите гласачки места на кои Граѓанската асоцијација МОСТ има распоредено свои набљудувачи и тие немаат проблеми при набљудување на процесот. Отворањето на гласачките места помина без регистрирани проблеми. Гласачкиот материјал е доставен на сите гласачки места, а уредувањето на гласачките места е на начин што ја запазува тајноста на гласањето, информираат од МОСТ.

 

Прес-конференција во 9:15 часот

Posted by Граѓанска Асоцијација МОСТ on Sunday, 30 September 2018

Досега регистрирале два случаја. Првиот се однесува на гласачкото место 0631 во село Прибилци во општина Демир Хисар, каде на влезот во објектот каде е сместено гласачкото место има графит со навредлива содржина.

На гласачкото место 1767 во село Рич, општина Струмица гласањето било прекинато во период од 50 минути затоа што УВ-лампите не функционирале. По интервенција на ОИК гласањето продолжило во 8:30 часот, појаснуваат од МОСТ.

Од таму ги повикуваат граѓаните доколку забележат евентуални нерегуларности или, пак, сакаат да дадат информации поврзани со процесот тоа да го сторат на бесплатната телефонска линија 080 080 080.

МОСТ го следи денешното гласање со повеќе од 1.500 набљудувачи. На 1.160 гласачки места, избрани според случаен и репрезентативен примерок, распоредени се исто толку набљудувачи, со што се покриени 33 отсто од вкупниот број на гласачки места во Република Македонија.