Кај модуларната болница во Тетово е утврдено дека има грешка при изградбата и фирмата изведувач треба да ги отстрани забелешките, информираше денеска економскиот директор на Клиничката болница Тетово, Артан Етеми.
Вчера имало примопредавање на објектот од страна на фирмата изведувач, Министерството за здравство и Клиничката болница.
– Забелешките се однесуваат на подот и уште неколку мали инфраструктурни грешки. Даден е рок за пет дена да се санираат грешките при изградба на модуларната болница. Струја и вода има. За системот за кислород сме во контакт со фирмата од каде ни рекоа дека за два-три дена може да се постави. Системот е дојден до инфективно и може да се поврзе. Ако не излезат други проблеми, наредна недела се надеваме дека ќе се пушти во употреба, изјави Етеми.
Во модуларната болница ќе има место за 35 луѓе. Сега во неколку објекти на Клиничката болница се хоспитализирани 41 пациент.
-Не е проблемот во кревети. Каде и да се болните, тешка е болеста. Голема е болницата и не сме имале страв дека ќе ни се случи ситуација да немаме кревети. И без модуларната, нема проблем и потешкотии, вели д-р Гзим Нуредини, координатор во Ковид центарот.
Посочи дека за разлика од ноември, сега болните многу побрзо имаат потреба од хоспитализација. Сега, најголем предизвик во надминување на состојбата се младите со коморбидитети.
-Овие три недели имаме помлада/средна популација некаде од 38 до 55 години што не беше ситуација кога го имавме пикот во ноември. Сега имаме и помлади. Овие две недели имаме број на починати поголем во споредба со претходните три недели кога имаше голем број на прием, вели Нуредини.
Вчера, во болницата починал маж на 40 години. Од први април до вчера евидентирани се 26 починати поради ковид или вкупно 260 од почетокот на пандемијата.
Comments are closed for this post.