Поголем дел од граѓаните (48,7%) го поддржуваат Договорот за добрососедство со Бугарија и сметаат дека тој ќе ги унапреди односите со источниот сосед (55,4%), покажува истражувањето на јавното мислење спроведено за емисијата „Детектор” на ТВ Сител, во која гостуваа професорот и поранешен премиер Владо Бучковски, проф. Наташа Котлар од Институтот за национална историја и проф. Драган Ѓеорѓиев од Мешовитата комисија за историски и образовни прашања, формирана по потпишувањето на Договорот.
Според истражувањето, 42,7 % од испитаниците сметаат дека македонската страна добро ги водеше преговорите со Бугарија за Договорот за добрососедство, со кој се затвори ова отворено прашање.
Поранешниот премиер Бучковски е задоволен што уште на почетокот на првата година од мандатот на актуелниот премиер Зоран Заев се затвораат отворените прашања со соседите Бугарија и Грција.
-Прашањето со Бугарија е поедноставно за затворање. Тоа е ветер во грб за иднината. Беше јасно и за Заев и за Димитров дека без затворањето на отворените прашања со соседите, не може да се оди напред, рече Бучковски.
За усогласување на фактите по потпишувањето на Договорот беше формирана Мешовита комисија за историски и образовни прашања, чија задача, според проф. Драган Ѓеорѓиев, кој го предводи македонскиот тим, е да ги стави фактите во одреден политички, социјален и културен контекст.
Историчарката проф. Котлар смета дека Договорот за добрососедство е асиметричен и дека „ќе поминеше многу подобро ако се останеше на првата точка од членот 8 и прво се развиваа добрососедските односи на двата народа кои имаат посебни јазици” .
Што се однесува до компромисите направени за да се постигне Договорот за добрососедство со Бугарија, за најголем дел од граѓаните (49,1%) е неприфатливо тоа што македонската страна преговарала без да се залага за правата на македонското малцинство во Бугарија, за дел (46,1%) е неприфатлива ревизијата на учебниците, додека заедничката прослава на историски настани и личности е неприфатлива за 41,3% и прифатлива за 36.1% од граѓаните.
-Не е цел ниту на политичарите, ниту на историчарите да ја сменат историјата. Ова е неповратен процес и верувам дека Бугарија може да биде нашиот најголем сојузник и дека тоа ќе се случи, уверува Бучковски, иако очекува проблем во усогласување на фактите кога ќе се дојде до периодот на 20 век и периодот на создавање на македонската независна држава.
Иако несогласувања со бугарската страна околу овој историски период можат да се очекуваат и според Ѓеорѓиев, кој смета дека „и самите историографи најмногу се судираат околу карактерот на Илинденското востание, идентитетот на личностите кои го водат итн.”, сепак, според него, може да се најдат елементи кои можат да придонесат за усогласување доколку се има позитивен пристап.
-За тоа треба време, Комисијата да се остави да работи без политички притисок, без силен притисок од јавноста и без апсолутно никакви рокови, зашто доколку тие се постават може да доведат до погрешни и брзи одлуки, вели тој и уверува дека формулациите што ги прават со бугарските колеги се базираат на академски принципи и дека нема политика.
Проф. д-р Наташа Котлар посочува дека е „убаво да се работи на историските прашања во еден подолг период за да може да се организираат трибини и конференции, прво во матичните земји”, пред да се оди на дефинирање на она што е заедничко. Со тоа дека се потребни дискусии, конференции, симпозиуми и инволвирање на поширок круг специјалисти за најчувствителните проблеми со цел да се дојде до она што е заедничко, се согласува и Ѓеорѓиев, „бидејќи нашата историја со Бугарија е испреплетена”.
Од политички агол Бучковски препознава „зголемување на довербата помеѓу политичарите” и смета дека „тоа е сериозно добар сигнал”. Затоа, според него, „треба да се остави науката и историчарите на раат да си ја завршат својата работа”.
Во однос на земањето бугарски пасоши на македонските граѓани, речиси идентичен е бројот на граѓаните кои ова го поддржуваат (36,9%), и на оние кои ова не го поддржуваат (35,1%).
Ставот на македонските граѓани за нивните соседи е различен, од преовладувачко позитивно мислење за Србија (78,6%), за Бугарија (58.8%) и за Грција (55.7%), до преовладувачко негативно мислење за Албанија (46,9%) и за Косово (49,1%), при што ставовите на испитаниците во однос на Грција и Бугарија се речиси непроменети во однос на ставовите на испитаниците добиени преку анкета во 2017 година.
Истражувањето на тема „Договорот за добрососедство со Бугарија” беше спроведено од Институтот за политички истражувања од Скопје (ИПИС) во период од 31 јануари до 4 февруари на 1.102 полнолетни испитаници на ниво на целата земја, со користење случаен примерок, стратификуван за да ја испочитува репрезентативноста на населениет
Comments are closed for this post.