„Понекогаш ме прашуваат: ‘Како издржуваш?’ Ќе ви кажам како – со луѓето што ги среќавам, со нивната поткрепа и со надежта што ја гледам во нивните очи,“ рече синоќа премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на митингот во Скопје, во рамките на кампањата за локалните избори.

Тој повика граѓаните да погледнат напред и да замислат каква Македонија сакаат да видат за дваесет години.

„Сакам Македонија да биде земја со стабилна, чиста и домашна енергија, со соларни и ветерни паркови, со дигитално и превентивно здравство каде што чекањето во ходник е исклучок, а не правило. Сакам образование што е поврзано со економијата – дуално учење, технички академии и универзитети што создаваат професии платени по вредност, а не по врски,“ рече Мицкоски, додавајќи дека иднината на државата мора да се гради на ред, труд и чесност.

Тој нагласи дека државата може да се промени само ако се отфрли „досегашната импровизација“ која, како што рече, три децении ја кочела Македонија.

„Мораме да се држиме до едноставната вистина од Гетисбург: да бидеме Влада на народот, од народот и за народот. Таква земја бара постојано преиспитување, признавање на грешките и истрајност кога е тешко,“ порача премиерот.

Во говорот, тој ја опиша и својата визија за младите:

„Сакам Македонија за дваесет години да биде земја каде што младите нема да ја замислуваат иднината на друга адреса, туку овде, меѓу своите. Да не мораат да се враќаат – затоа што никогаш нема да заминат.“

Мицкоски призна дека понекогаш чувствува притисок од роковите и одговорностите, но дека токму поддршката на народот му дава сила да продолжи.

„Ова не е трка за сто метри. Ова е маратон со генерации,“ истакна тој.

Осврнувајќи се на изборите во Скопје, премиерот рече дека првиот круг испратил јасна порака, а вториот ќе биде историски:

„Победата не ја мериме само со разлика во гласови, туку со свеста дека не се враќаме назад. Дека не сме лесно заводлива публика за туѓа математика и празни ветувања.“

Во завршницата, тој додаде дека некои политички противници „ќе додаваат и вадат, ќе делат и множат“, но дека бројките се непобитни.

„Ќе си бараат алиби и ќе се споредуваат, но вистината е многу едноставна – Скопје има избор да продолжи напред,“ заврши Мицкоски.