Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, ветува сосема поинаква иднина од онаа на сегашната власт. Тој, во интервју за „Магазинот за туризам и менаџмент“, ексклузивно одговара на многу прашања. Покрај за политика и економија, Мицкоски открива и со какви чекори ќе ја подобрат економската состојба во земјата, а ќе ги вратат и младите.
Новата година носи и нови предизвици, но и неизвесност на политичката сцена. Граѓаните очекуваат промени бидејќи државата тапка во место, а џебот на обичниот човек се празни. Странски и капитални инвестиции има само на збор. Граѓаните се во очекување на подобро утро. Како лидер на најголемата партија, ветувате светла иднина во оваа изборна година. Господине Мицкоски, нѐ чекаат ли големи предизвици и промени во 2024?
Државата минува низ тежок период. Сѐ повеќе граѓани се сиромашни. Околу 600 илјади наши сограѓани живеат во сиромаштија со само 150 денари на ден. Сѐ повеќе луѓе се незадоволни од функционирањето на системот кој нема одговори за основните потреби што се нормални за функционирањето на една држава. Кажете ми област во која нема огромни проблеми? Независно дали се работи за здравството, земјоделието, образованието, науката, младите, луѓето имаат сериозни забелешки за тоа каков е реалниот живот. И на ова ако го додадете неказнетиот криминал и корупцијата што се широко распространети од највисоко до најниско ниво, ќе дојдете лесно до заклучокот дека државата тапка во место.
Години и години поминавме во чекање да се случи нешто подобро. Тие на кои им прекипе и имаа можност за тоа, си заминаа од државата. Имаме иселување во фаза кога не сме членка на ЕУ што е поголемо од иселувањето од оние послаби земји што пристапуваат во Европската Унија. Од друга страна, граѓаните овде се со право разочарани. Инфлацијата е галопирачка, скапиот живот придонесе сѐ повеќе луѓе да ја губат надежта за подобра иднина.
И на сето ова мора да се стави крај. А единствениот излез се изборите, со нов може да се направат тие промени. Тука, клучна улога ќе имаат граѓаните, секој поединец што ќе мора да сфати дека од него зависи.
Но, секој ќе треба и добро да ги препознае сите оние кои ја бараат неговата доверба за да ја злоупотребат повторно, оние добро познати инсталации на власта со задача да глумат опозиционери, но и нас, кои сакаме искрено и чесно да направиме промени што ќе донесат иднина, обнова и пристоен живот. Убеден сум дека следуваат промени и подобри работи за Македонија.
Неодамна излеговте во јавноста со констатација дека постоењето техничка влада повеќе ѝ штети отколку што ѝ носи добро на земјата. Зошто? Дали не мислите дека во тој предизборен период ќе можете да ги видите одблиску работите, до каде е државата во повеќе сегменти и која е најслабата алка во системот?
Мислам дека практиката досега покажала дека техничките влади како такви, досега биле неефикасни, конфликтни и извор на бројни проблеми. Паметите ли некоја реформа од која било техничка влада? Такво нешто нема. Токму поради овие причини побарав укинување на постоењето на техничката влада, затоа што премногу време и енергија ќе се потроши на меѓусебни конфликти.
Тоа беше одбиено од власта. Постапките на премиерот потоа го открија мотивот за оваа негова одлука. Впрочем, техничката влада постои само за да се реализира договорот на власта, а тоа е Џафери од ДУИ да биде премиер.
Ваквиот технички премиер нема да добие поддршка од ВМРО-ДПМНЕ, затоа што е сосема нелегитимно да ја води државата човекот кој доаѓа од една од најголемите структури обвинети за криминал и корупција.
Тоа е последица, пред сѐ, на слабоста на СДСМ, која дејствува како малцински партнер во Владата и постои за да ги поддржува одлуките на ДУИ. Основната задача на техничката влада ќе биде да ја загарантира волјата на граѓаните. Тоа што власта го проблематизира составот на техничката влада и со политикантски чекори најавува дека нема да ги гласа предлозите од ВМРО-ДПМНЕ, претставува само дефокус од вистинските прашања што ја засегаат јавноста, но и ги открива намерите за еден нефер однос и за загрозување на изборниот процес. ВМРО-ДПМНЕ нема да потклекне на ваквото несериозно однесување. Што се однесува до прашањето за слабостите што може да се очекуваат по формирањето на техничката влада, би рекол дека целата влада е огромна слабост.
Ние добро ги знаеме проблемите, а по изборите ќе имаме сила за промени и за имплементација на решенијата што ќе ги понудиме.
Што очекувате на следните избори? Ставовите на ВМРО-ДПМНЕ се главно критика упатена како кон СДСМ, така и кон ДУИ. Дали сметате дека може една партија во земјава да биде на власт без „интегративците“?
Да, време е ДУИ да отиде во опозиција, што всушност е и моја интенција, но сето тоа зависи од волјата на граѓаните. Колку ќе бидат силни промените, зависи од тоа колкава ќе биде поддршката. Затоа е важно што повеќе луѓе да излезат и да гласаат, да ја поддржат опозицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, за да не зависиме од уцените од останатите партии и за да има обнова, но и одговорност за оние кои ги кршат законите. Само на тој начин би се создал ред. Знаеме дека ДУИ над дваесет години е власт и дел од сите афери, од сите неуспеси и порази на оваа држава и, практично, не смее да се амнестира за ваквото однесување.
Сметате дека прашањата за економијата се поважни во моментов отколку тие за евроинтеграцијата на Македонија. Песимизам владее меѓу народот бидејќи животот во земјата станува сѐ поскап.
Цените растат, платите одвај малку се зголемуваат. Минатата 2023 година ја одбележаа голем број протести на улиците. Администрацијата и пензионерите не ги добија посакуваните повисоки примања. Дали имате план како да се намали јазот помеѓу големите трошоци и ниските примања?
Најглавната задача на владата на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде економска обнова и борба за повисок животен стандард на граѓаните. За таа цел, мора да се влијае на зголемувањето на економската моќ на граѓаните, мора да е работи на повисоки примања. Она што сега им го прави власта на пензионерите е недостоинствено, а тие најдобро ги чувствуваат последиците од лошото владеење и од падот на економијата. Во периодот од 2017 до 2023 година растот на БДП на жител во Македонија е само 20%, кај сите други држави од регионот е 50%, а некаде и над тоа. Додека Македонија има раст од 20%, во Србија растот е 50%. За истиот период, во Бугарија БДП на жител се зголемил 64%. Во Албанија, во периодот од 2017 до 2022 година БДП на жител пораснал 52%. Власта лажеше дека инфлацијата е увезена, а сведоци сме дека имаме 50% поголема инфлација од еврозоната.
По промената на власта, најмногу ќе работиме во делот на економијата и планираме сериозно да интервенираме во данокот на добивка и тоа за секоја компанија, без разлика дали е домашна или странска. Можеби, компанија што ќе дојде од Европа и од светот, која својот профитен центар или седиште ќе го донесе во Македонија, за деклариран профит до 20 милиони евра, данокот ќе остане ист, 10%, нормално, ако е реинвестиран 0%. Ако пријави профит околу 20 и 30 милиони евра, данокот ќе биде 8%, од 30 до 50 милиони евра ќе биде 6%, а над 50 милиони евра данокот ќе биде 5%, со што Македонија ќе се профилира како држава со најнизок данок на профит. За пензионерите ќе ги зголемиме пензиите линеарно за 5.000 денари.
Ветуваме дека ќе го вратиме достоинството на оваа категорија на граѓани и ќе се бориме секој граѓанин да има повисоки примања.
Странските компании ги нема, а капиталните инвестиции тапкаат во место. Што ја движи економијата во моментов? Знаеме дека најголем дел од компаниите регистрирани во земјата се микро и мали, а и тие се затвораат.
Од каде „црпи“ државниот буџет пари?
Економијата се движи по инерција. Фирмите живеат на кредити. Практично, она поради кое што се опстојува во овие тешки времиња е, меѓу другото, и последица на компаниите и инвестициите што ги привлече Владата на ВМРО-ДПМНЕ. Тие ги одржуваат извозот и вработеноста. Инаку, статистиката е немилосрдна. И во 2022 година, во врска со странските инвестиции, нетото во Македонија изнесуваше 5% од БДП, а во Црна Гора беше 13,5%, во Србија 7%, во Албанија 6%, Косово 6,5% итн. Македонија во 2020 успеала да привлече околу 239 милиони евра, Косово повеќе од 341 милион евра, Албанија успеала да привлече околу 933 милиони евра, а соседна Србија успеала да привлече над три милијарди евра странски директни инвестиции.
Ова покажува дека во 2020 година Македонија успеала да привлече само 1,9% од БДП како странски директни инвестиции, додека Косово 4%, Србија 4,8% од БДП, Албанија 5,7% од БДП. Катастрофалната состојба продолжува и во 2021 година. Заклучно со месец септември 2021 година, Македонија има прилив на странски директни инвестиции за околу 285 милиони евра, Косово има околу 493 милиони евра, Албанија има околу 711 милиони евра, а Србија има над 2,9 милијарди евра прилив од странски директи инвестиции. Угледниот британски весник „Фајненшл тајмс’, каде што се мери индексот за успешност на странски директни инвестиции на секоја земја во светот, сега ја нема рангирано Македонија ни во првите 50 места, додека во 2016 беше на високото 3. место. Економијата денес е на најниски гранки досега и последователно на тоа бизнисот е тежок.
Евроинтеграцијата се чини дека е најважната тема за оваа власт, која ги исполнува желбите на Европа. Но, додека очите се вперени во надворешната политика, корупцијата на големо владее во земјава. Судството неколку пати е споменато, но и нотирано во последниот Извештај како најслаба алка во нашиот систем. Бугарија, навидум, бараше само да се изгласаат уставните измени, но сега најави дека ќе има и нови барања. Се чини дека е лавиринтот многу заплеткан, па ние никако да излеземе од него. Дали гледате светла точка на крајот од тунелот? И како, ако дојдете на власт, ќе успеете да ја отплеткате оваа ситуација за да стане Македонија дел од Европската Унија?
ВМРО-ДПМНЕ е европски ориентирана партија. Во своите постулати ја имаме прозападната ориентација. И тоа за секој член и познавач на состојбите во ВМРО-ДПМНЕ тоа е совршено јасно. Проблемот е што, од друга страна, и покрај сите отстапки што ги направи државава во изминатите години, ние сѐ уште сме во чекалницата на ЕУ, и токму поради таквата непринципиелна политика кон Македонија, расте и евроскептицизмот. И мора да се каже дека е исто толку непринципиелно она што се случува во последниот период со спорот со Бугарија. Европските политичари се чини дека играат еднострано на страната на Бугарија. Но, причините зошто е тоа така, мора да се бараат и во попустливоста на домашната власт, која преку прифаќање на сите ултиматуми, сака да ја одоброволи западната политичка сцена, за да се прогледуваат низ прсти сите криминали и сета корупција што се случуваат во нашата држава.
Немојте никако да мислите дека Унијата, ако сака, не може и утре да отпочне преговори со Македонија! Па, видете го случајот со Украина, која е завојувана држава, а почнува преговори со ЕУ. Од друга страна, оваа Влада ја нема завршено ниту домашната задача на реформи. По смена на власта, ќе отпочнеме сериозни разговори за надминување на сите пречки на патот кон ЕУ, но нема да правиме отстапки на штета на државата и на македонскиот народ. Ние ќе се бориме на рамноправна основа да го решиме ова прашање и да се придвижи државата кон ЕУ, што секако е наша стратешка цел.
Чувството меѓу народот е дека мирот и правдата се изгубија, се појави страв и трепет кај народот, особено по низата скандали кои ја одбележаа минатата година. Случајот „Онкологија“ беше прв во низата, а во очи на Министерскиот самит на ОБСЕ, кога земјата беше под најголема безбедност, се случи двојно убиство, на младата Вања и на велешанецот Панче. Граѓаните беа вознемирени и потресени. Излеговте во јавноста со тврдења дека постоел начин да се спречи криминалната група. Колку е Македонецот безбеден во својата земја?
Не е безбеден затоа што власта печали од несреќата на луѓето. За Онкологија, по таков грозоморен скандал и афера, нема ниту официјална истрага, туку сѐ заврши со предистрагата. Ароганцијата на институциите во постапувањето во случајот со Палевски, но и стимулирањето негови јавни настапи и неговото неказнување, а зад што седи директно власта, претставуваат последица на употреба на инструментите поради кои многу луѓе велат „доста беше“ и разочарани си заминуваат. За кој скандал имаше правна разрешница? Компанијата „Дурмо турс“ во чиј автобус настрадаа човечки животи кај Ласкарци, знаете дека сѐ уште работи, затоа што нејзините сопственици се блиски до партија на власта. До кога голобради момчиња ќе стануваа сопственици на трговски центри како „Соравија“, за кои е очигледно дека имаат врз себе повеќе од оправдани сомневања за криминал? Криминалот со оваа власт е исплатлив. Затоа мора да има промени, а потоа и одговорност за секој еден од овие случаи, но и за многу други што останаа отворени изминатите години.
Земјава во неколку истражувања наназад се најде на дното на листите за начинот на живот. Но, секоја зима се наоѓа на врвот по загадувањето. Локалната власт во најголем процент е во рацете на ВМРО-ДПМНЕ. Како партија, дали предлагате и мерки за намалување на аерозагадувањето?
Загадувањето е централен проблем. Институциите кои може директно да помогнат се во рацете на владините институции. Се сеќавате ли на ветувањето за чист воздух? Седма година откако дојдоа на власт, ништо не променија. Не е коректно по доаѓањето на градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ, да се префрла топката во нивните раце. Секој напор за почист воздух треба да биде робусна акција на сите институции, но главната палка ја има Владата, министерствата и инспекторатите. Владата не го третира овој проблем, кој е сериозна закана по здравјето на граѓаните. По с
мена на власта, ќе имаме сеопфатна програма со која ќе се бориме против загадувањето.
Иселувањето е сериозен проблем за светот и за нашата земја. Народот од Македонија заминува, пред сѐ, поради лошата економија, загадувањето, но најмногу поради нефункционалниот систем. Земјата се празни од квалитетен стручен кадар, кој сѐ помалку го има за домашните компании. Во следниот период, предизборен, граѓаните ќе сакаат да слушнат како да се задржат младите дома, а и да се вратат оние кои заминале. Каква стратегија имате како партија да се стопира иселувањето? И, најважно, како ги учите вашите деца?
Не само што треба да ги вратиме луѓето, туку треба и да спречиме нови да заминуваат. Тоа ќе го направиме преку стратегија во три чекори. Првиот е подобрување на системот, што подразбира тој да биде ефикасен, да вреднува квалитет и способност. Вториот чекор е да создадеме услови за економски развој, силен стандард овде, дома во Македонија. Трето, да го сочуваме и да го зацврстиме идентитетот. Да обезбедиме почит за секој човек, да се престане со континуираната традиција на порази и колективни неуспеси.
Сигурен сум дека секој човек сака да си ја создава иднината таму каде што се неговите корени. Да покажеме дека Македонија може да биде убаво место за живеење.
Македонија е мала земја, но полна со богатства. Голем број дипломати, инвеститори или само туристи имаат големи пофалби за националните богатства на земјата. Во што ја гледате Вие убавината на Вашата земја? Со какви зборови ја претставувате пред гостите од странство или пред граѓаните кога патувате во друга земја?
Македонија е неодгатната и недоискажана приказна. Секоја педа од оваа наша преубава земја е покриена со знаменитости и природни убавини. Македонија има скапо платена слобода и уште поскапоцена историја, а многумина сакаат да ја присвојат.
Во секој крај на државата се чувствувам како дома, било да е преубавата Малешевија или Струмичката Котлина, преубавата Беласица или Кожув. Историјата на еден Охрид и Битола, заедно со најживописните предели на Западна Македонија и Реканскиот крај, како и Маврово, сето тоа е дел од она што Македонија може да го понуди. На сите што се заинтересирани им велам „Македонија не се раскажува, Македонија мора да се доживее“.
Во честитката до граѓаните велите дека секој од нас пишувал честитка до своите најблиски. Вие напишавте честитка до граѓаните. Ветувате промени во оваа 2024 година. Од каде мислите дека треба да почнат промените за да се врати насмевката кај граѓаните?
Промените и решеноста за победа започнува од секој еден човек и во одлуката да се излезе на овие избори. Јас во политиката не сум на привремена работа или заработка, туку јас и моите соработници сме тука да ги менуваме работите на подобро, да изградиме нешто на што чекаат генерации и генерации Македонци. Првиот чекор кон тоа е одлуката да се гласа на овие избори, а при тоа да се земе предвид дека не се сите исти. Има разлика.
Comments are closed for this post.