Јас сум подготвен да го објаснувам овој наш предлог пред секого и секаде. И тука немам никаква дилема. Така што ако бидам поканет на една таква лидерска средба, без разлика кој ќе ја организира, ќе појдам и ќе го образложам овој предлог. Дали тоа ќе го направи Стево Пендаровски, дали сака Димитар Ковачевски тет а тет да седнеме па да му објаснам, дали сака во поширок состав, бидејќи ја преставува владата на ДУИ поддржана од неговата партија, па можеби тие ќе треба да му го чуваат стравот. Како ќе одлучат така. Јас сум подготвен да отидам и сето тоа го образложам. Немам што да кријам, вака претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за време на денешната посета на општина Бутел одговори на новинарско прашање за тоа дали е подготвен на лидерска средба да го објасни хрватскиот модел на устав, доколку тоа биде побарано.
Мицкоски исто така ја повика власта да се одважи и без да се мистифицира целиот процес и без затворање во канцеларии да прифати консензус за хрватскиот модел кој самите претставници на власта го посочуваа.
„Еве сега конечно нудиме консензус околу хрватскиот модел јавно без да се затвораме, без да седиме во канцеларии, без да мистифицираме, без да криеме ништо од јавноста. Еве велиме ајде господа, одважете се и да седнеме да ја завршиме работата. Како е хрватската преамбула во хрватскиот устав, така да ја направиме преамбулата и во нашиот македонски устав. Стоиме на располагање и еве јавно немаме што да криеме. Сака на дуел, на дуел ќе го збориме. Сакаат лидерска средба, на лидерска ќе го збориме. Каде сакаат, таму ќе го збориме тоа и еве јавно тоа го кажуваме пред цела македонска јавност. Нема што да криеме“ потенцираше Мицкоски.
Кога станува збор за Уставот, да ги гледаме работите не низ призма на партиски интерес, туку и како стојат од правен аспект и процедурално, а потоа ќе ви дадам одговор и кој е ставот на ВМРО-ДПМНЕ, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање за време на посетата на општина Бутел.
„Прво како се случува евентуалната интервенција во Уставот, има три чекори. Првиот чекор е во парламентот доаѓа иницијатива со која се утврдува потребата за отворање на Уставот. Тоа значи дека две третини од пратениците ќе гласаат за или ќе нема две третини за. Доколку има такви кои ќе гласаат за, тогаш следи вториот чекор тоа е формирање на уставна комисија која работи на амандмани и ги носи во парламентот тогаш се потребни мнозинство пратеници од вкупниот број или 61. И доколку има, тогаш повторно се враќаат изгласаните амандмани и се формира конечен текст и враќаат пак во парламент и тогаш се потребни две третини од вкупниот број пратеници. И тогаш некаде отприлика се потребни минимум 104 до 105 дена доколку во идеален случај процедурата почне од почеток до крај“, објасни Мицкоски.
Тој посочи дека ние сега не сме ни на почетокот, ние сме пред почетокот.
„Во оваа фаза работни групи и уставни комисии не се формираат. Овде сега пред пратениците се доставува иницијатива за утврдување на потребата за отворање на Уставот. Мене ако ме прашате како човек преку глава ми е од работни групи каде неколкумина политичари седат во затворена просторија и одлучуваат за иднината на народот, а народот е против тоа. Затоа одлучивме да го дадеме предлогот да не се затвораме во темни простории и да ја мистифицираме целата ситуација, а во суштина се трудиме реализираме партиски интерес. И некои стратези викаат треба да го вметнете Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ и се ќе се реши. Тоа е погрешно. Тоа не е тоа начинот. Тие каде што одат ние сме се вратиле, не е тоа суштината ние треба да работиме за народот и затоа ние како ВМРО-ДПМНЕ велиме, еве го предлогот, вие го посочивте хрватскиот модел, ние рековме во ред го прифаќаме. Но не е ова желботека, детска градинка еве го моделот го прифаќате или не го прифаќате. Не сакам да верувам дека една ваква проевропска влада која ја сочинуваа ДУИ и малцинскиот партнер СДСМ ќе го загрози европскиот пат на Македонија кога веќе имаме предлог на маса кој ние го прифаќаме и треба да изградиме консензус“, рече Мицкоски.
Мицкоски потсети од што се се има откажано Македонија во име на европската интеграција. Тој рече на почетокот на самостојноста се откажа од своето знаме во име на европската иднина, потоа го користеше временото понижувачко име за да биде дел од ОН, потоа го менуваше Уставот како резултат на Охридскиот договор, па доби вето за НАТО во 2008 година, но веруваше во интеграцијата и работеше па пак го смени Уставот.
„И сето тоа за европска иднина и еве сега има предлог на маса и велиме ајде господа да се договориме, да разговараме“, заклучи Мицкоски.
Comments are closed for this post.