Пред сто и дваесет години, човекот кој, в долж и попреку, пешки ја помина Царска Русија, Алексеј Максимович Пешков, попознат по својот псевдоним, Максим Горки (1868 -1936), ја напиша својата извонредна драма „На дното“.
И оние кои ја прочитале, а и оние кои не го направиле тоа, многу лесно, само од насловот, од неговата силна метафоричност и асоцијативност, можат да насетат дека станува збор за животни судбини на ликови од најнискиот слој на тогашното руско општество.
И денес, после толку многу години и децении, „На дното“ е актуелен драмски текст и, не случајно, се уште, низ светот, е дел од репертоарот и на најпрестижните театри, бидејќи, сосема нормално, нема идеално општество во кое нема луѓе на дното.
Но, по сите мерила и критериуми, без никакво сомнение, кратката синтагма од насловот на овој драмски текст, во секој поглед ( и економскои и филозофски и психолошки и социолошки и…), и во своето буквално и во своето преносно значење, на просторот на Европа, најактуелна е во нашата „жална“ Македонија.
Во духот на онаа старогрчката: „Мил ми е Платон, ама помила ми е вистината“ или, ако сакате, на српската: „Што је право и Богу је драго“, Македонија од времето на Груевски и Северна Македонија од времето на Заев, во својата суштина, во својот егзистенцијализам, се потполно исти.
И тогаш и сега:
Македонија е убедливо најсиромашната земја во Европа;
Убедливо најлош животен стандард на граѓаните;
Убедливо најголем процент од населението живее под прагот на сиромаштијата;
Убедливо најголем број, претежно млади, се иселуваат;
Убедливо најнеправедна распределба на приходите меѓу богатите и сиромашните.
И тогаш и сега: „НЕМА ПРАВДА – НЕМА МИР“!
Другари „социјалдемократи“, ако сте заборавиле (ако, овие новокомпонираниве, воопшто, некогаш и знаеле), да ве потсетам дека основните принципи и вредности на вистинската социјалдемократија се: слобода, еднаквост/правда и солидарност.
Без длабоки теоретски опсервации, наједноставно и најсуштински кажано:
Слобода, во социјалдемократска смисла, значи општество во кое луѓето се социјално обезбедени, сигурни и независни, посебно од оние кои го уништуваат нивното достоинство;
Еднаквост/правда, пред се, значи општество во кое има праведна распределба на приходите меѓу богатите и сиромашните и еднакви шанси и можности за сите;
Солидарност значи меѓусебна поврзаност, припадност и подготвеност на луѓето да се залагаат едни за други и да си помагаат едни на други.
Другарчиња драги, според бројот на социјално независните („слободните“) граѓани, според бројот и соодносот на богатите и сиромашните, според праведноста на создадените општествени услови за еднакви шанси и можности за сите, според бројот на бентлите, ролексите, марамите и шалчињата и според бројот на „контењерите“, сами можете да одговорите на прашањето: Дали градиме социјалдемократско општество или продолжуваме по клиентелистичко – клептократските патеки на Груевски?
Да не се разбереме погрешно, не сум за тоа дека луѓето не треба и не смеат да имаат бентли, ферари, ролекси…
Можат да имаат и авиони и космички бродови, само не можат да бидат социјалдемократи, барем не во ваква Македонија во која повеќе од една третина од населението преживува со две евра на ден и во која десет посто се богати, а деведесет посто сиромашни.
На крајот, само како потсетување на „дечурлијава“ чии први вработувања се министри, заменици, директори, советници…Социјалистичка Република Македонија, за Бугарија и Албанија, во секој поглед, беше Шведска и Швајцарија, а денес, без конкуренција, вашата Северна Македонија е на дното, ако не и под него.
П.С. Конечно, „ДОЈДЕ ЖИВОТОТ“! Десет посто го јадат месото, а деведесет посто зелката. Во просек, сите јадат сарма. И, без никакви дилеми, ова е новата, „научно силно издржана“ северномакедонска дефиниција за модерната и „вистинската“ социјалдемократија од која треба да „учат“ сите „заостанати“ европски социјалдемократски партии кои се борат за надминување на јазот меѓу богатите и сиромашните.
Comments are closed for this post.