Скопје денеска ќе биде домаќин на состанокот на министрите за внатрешни работи на земјите вклучени во Берлинскиот процес, со кој како земји копретседавачи на иницијативата ќе претседаваат првите луѓе на министерствата за вантерешни работи на С. Македонија и на Бугарија Оливер Спасовски и Христо Терзијски.
Со министерскиот состанок во Скопје започнуваат и активностите од заедничкото претседателство на С. Македонија и на Бугарија со Берлинскиот процес, чија круна ќе биде дводневниот Самит во Софија на 9 и 10 ноември, на министрите за надворешни работи, односно на шефовите на владите,
Шефот на дипломатијата Бујар Османи, на вчерашната прес-конференција информира дека за време на посетата на Софија значаен дел од разговорите со колешката Захариева биле токму предизвиците и активностите во рамки на заедничкото копретседавање и дека двајцата заклучие дека ова заедничко копретседавање, мора да успее.
Според Османи, се очекува на состанокот да се иницира идејата за движење со лични карти во целиот регион, односно помеѓу сите шест земји на Западен Балкан.
Тоа е важна иницијатива, која што доколку биде одобрена ќе значи полесна комуникација, патување, транзит, односно клучен дел во поврзаноста и размената, истакна Османи.
Вчера во Скопје министерите Спасовски и Терзијски одржаа работна средба фокусирана на денешниот состанок на министрите за внатрешни работи на земјите од иницијативата „Берлински процес“, како и претставници на ЕУ, при што се разговарало на повеќе теми од заеднички интерес во областа на безбедноста.
Спасовски и Терзијски се согласиле дека билатералната соработка е на одлично, односно на многу добро ниво, особено во делот на граничното работење, како и борбата со трансорганизираниот криминал и корупцијата. Терзијски, меѓу другото, соопшти МВР, изразил увереност дека денешната средба на министрите за внатрешни работи во рамки на Берлинскиот процес ќе биде конструктивна и успешна и ќе го потенцира засилениот ангажман за безбедност во регионот на Западен Балкан.
Според агендата на активностите на македонско-бугарското копретседавање со процесот, следната недела е состанокот на министри за здравство, со кој исто така овде во Скопје, ќе копретседаваат министерите на ресорите здравство во СМакедонија и Бугарија со кој првпат соработката во здравството влегува како дел од Берлиснкиот процес имајќи ја предвид кризата со пандемијата. Во Тирана на 27 октомври е состанокот за инклузија на Ромите, на 2 ноември е Дигиталниот самит на министрите за информатичко општество. На состанокот на министрите за економија што ќе се одржи на 5 ноември во Софија, прв пат ќе се претстави и Акциониот план за регионална економска соработка – фаза два т.н. МАПРЕА 2.
Копретседавањето на Берлинскиот процес ќе се заокружи со дводневниот Самит во Софија на 9 и 10 ноември на шефови на влади и дипломатии. Османи со колешката Захариева на 9 ноември, ќе копретседаваат со состанокот на министрите за надворешни работи. Ден потоа со состанокот на премиерите на земјите-учесници во Берлинскиот процес ќе копретседаваат премиерите Зоран Заев и Бојко Борисов, каде се очекува да ги сумираат резултатите од успехот на самиот процес.
Берлинскиот процес почна како иницијатива во 2014 година под порковителство на германската канцеларка Ангела Меркел како иницијатива за поттикнување на регионалната соработка и европсакта интеграција на земјите од Западен Балкан. Ова е првпат копретседавачи да бидат една земја членка – Бугарија и една земја кандидат за членство од земјите на Западен Балкан – С Македонија
Comments are closed for this post.