Министерот за правда Бојан Маричиќ во толкувањето на Договорот од Преспа стана поголем папа од папата. Со забраната на употребата на терминот Македонија во називот на невладина организација, што нема да биде финансирана од државата, тој директно го минира и самиот Договор.
За жал, во образложението, што го даде Министерството по објавената вест, излезе дека ова досега било пракса.
Напоменуваме дека согласно Уставот не постои можност за употреба на термините „Македонија“, „Република Македонија“, „ПЈР Македонија“, како и привремената референца „Поранешна Југословенска Република Македонија“ и досега нелегално користената кратенка „ПЈРМ“ во преведена или непреведени форма кога станува збор за официјална и службена комуникација што вклучува и називи на здруженија кои имаат намера да ги користат меѓународните кодови МК и МКД и кои се декларираат себеси за здруженија кои реализираат активности на територијата на целата држава.
Во случај кога во статутот на едно здружение се наведува дека тоа се организира и делува на територијата на ЦЕЛАТА ДРЖАВА и во странство, одобрувањето на таквото именување е можно исклучиво доколку се користи уставното име на државата. Министерството за правда и сега и сите изминати години постапува по овој принцип и согласно Уставот кога станува збор за барања од овој тип.
Што се однесува до придавката „македонски/а/о“ може да се користи покрај придавната форма (од „Република Македонија“ или од „Македонија“) во однос на приватни ентитети и актери кои не се поврзани со државата и јавните институции, кои не се основани со Закон и не добиваат државната финансиска помош за активности надвор од државата, образложи Министерството за правда.
Но, ако се види Договорот може да се воочи дека образложението претставува микс од неколку негови точки, односно ставови од Делот 1, што се однесува на решавање на разликата околу името, незаокружените прашања во врска со истото и зацврстување на добрососедските односи.
Точката 7 од Договорот гласи: „По влегување во сила на оваа спогодба и во согласност со одредбите од член 1, став (9) и став (10) термините „Македонија“, „Република Македонија“, „ПЈР Македонија“, „ПЈР. Македонија“, во преведена или непреведена форма, како и привремената референца „поранешна југословенска Република Македонија“ и кратенката „пјРМ“ ќе престанат да се употребуваат за обраќање кон Втората страна во каков било официјален контекст“.
Оттука произлегува дека во официјалната комуникација меѓу Министерството и невладината организација мора да се користи новото име на државата. Но, како што може да се види, комуникацијата нема допирна точка со исклучување на можноста во самото име на невладината да стои и името Македонија.
Натаму, во членот 1, во точката 3 став 4 или г) стои: Термините „Македонија“ и „македонски“ го имаат значењето дадено во член 7 од оваа спогодба.
Во истата точка 3, став 5 или д) стои: „Кодот за земјата на регистарските таблички на возилата на Втората страна ќе биде НМ или НМК. За сите други намени, кодот на земјата останува да биде МК и МКД, како што е официјално определено од Меѓународната организација на стандардизација (ИСО)“.
Тука не стојат никакви здруженија, што ќе го користат кодот МК и МКД.
Натаму, исто во чл.1, во точката 3 став 5 или ѓ) стои: „Придавката во однос на државата, нејзините службени органи и други јавни институции ќе биде во согласност со официјалното име на Втората страна или со нејзиното скратено име, односно „на Република Северна Македонија“ или „на Северна Македонија“. Други употреби на придавката, вклучително и употребата на придавката во однос на приватни ентитети и актери, кои не се поврзани со државата и јавните ентитети, кои не се основани со закон и не добиваат финансиска поддршка од државата за активности надвор од државата, можат да бидат во согласност со член 7, став (3) и став (4). Употребата на придавката за активности може да биде во согласност со член 7, став (3) и став (4). Ова не влијае на процесот воспоставен според член 1, став 3 (ж) и на постојните сложени имиња на градовите на датумот на потпишување на оваа спогодба“.
Токму овдека се гледа дека придавката (а не името) се однесува на државата, нејзините службени органи и други јавни институции, но не и на невладини организации или било кои други приватни субјекти. Па, ако е така, како што објаснува Министерството, тогаш како може да се вика најголемата невладина организација во земјата Фондација отворено општество Македонија?!
Ваквото ригидно толкување на Договорот од Преспа од страна на Министерството за правда, пак,однапред го прави апсолутно непотребно и самото постоење и работа на Kомисијата за историски прашања и за учебниците, но и на Kомитетот за трговските марки, односно брендовите. За што тие ќе преговараат ако не за терминот Македонија и идентитетската придавка македонски/а/о? Значи ли ваквото толкување дека, на пример, ниту една винарска визба не може да именува вино Македонија? Или ниту еден фудбалски или било каков спортски клуб не смее да се вика Македонија?
Comments are closed for this post.