Затворањето на амбасади е дипломатска антиреформа, а затварањето на амбасадата во Бразил е потег на штета на интересите на Македонија, реагира пратеникот Антонио Милошоски, откако во вчерашното интервју за телевизија „Сител“, претседателот Стево Пендаровски најави затворање на 4-5 македонски амбасади, меѓу кои сигурно онаа во Бразил.

Според извори од МНР другите веројатно се амбасадите во Казахстан, Естонија, Норвешка и/или Данска. Објаснувањето на Пендаровски беше дека тоа се прави бидејќи тие земји немаат свои амбасади во Македонија или пак со нив немаме обемна трговска размена. Ова е многу површно објаснување за еден ваков анти-реформски потег за македонската дипломатска мрежа, а исходот ќе биде само уназадување на капацитетот за промовирање на економско-политичките интереси на Македонија на меѓународен план, смета Милошоски.

Според Милошоски, да се затвори амбасадата во Бразилија е дипломатска кусогледост која, заради нетрпеливоста кон одредени кадровски решенија, не може да го види потенцијалот на 210 милионскиот Бразил, ниту значењето на нашето единствено дипломатско претставништво на континентот Јужна Америка, кој има 13 држави и пазар од 450 милиони жители.

Бразил за Јужна Америка е со значење слично на она на Германија и Франција за Европа. Бразил за Јужна Америка е нешто како Кина за Азија. Бразилија е седиште на меѓународната трговска организација Меркосур во која членуваат мнозинството земји од Јужна Америка. Бразил исто така е земја член на Г-20, форумот на 20 највлијателни земји во светот.

 

Ќе беше визионерски, а не кусогледо, доколку Пендаровски и Димитров соопштеа дека амбасадата во Бразилија ќе стане македонско дипломатско пристаниште во Јужна Америка, преку кое Македонија ќе ги покрива и земјите како Уругвај, Парагвај, Перу, Боливија, Венецуела и Колумбија, и во сите овие држави ќе ги промовира своите билатерални, трговски и мултилатерални интереси. Особено што Македонија со поделбата на дипломатскиот имот од поранешната СФРЈ го доби објектот во Бразилија, која би била амбасада во наша трајна сопственост, а патем е архитектонско ремек дело на познатиот македонски професор Славко Брезовски, вели Милошоски.

Милошоски додава дека да објасните дека Македонија ќе ја затвори својата амбасада во Бразилија, затоа што Бразил нема своја амбасада во Скопје, е исто како да кажете дека ги затвораме нашите амбасади во Отава, Каиро, Тел Авив, Брисел, Канбера, Ватикан, Осло и Копенхаген, затоа што Канада, Египет, Израел, Белгија, Австралија, Светата Столица, Норвешка и Данска немаат резидентни амбасади во Македонија.

 

Македонија е таа која што има потреба да отвара нови пазари за своите производи, да гради нови билатерални пријателства, да ја промовира својата култура и интереси. Ако Јужна Америка и Бразил се одличен потенцијал за Албанија, Словенија, Србија и Бугарија, зошто не би биле иста шанса и за Македонија. Сите земји во светот кои немале или сеуште немаат амбасади во Бразилија, прават напори да отворат, а Пендаровски и Димитров брзаат да ја затворат. Многу површно и несериозно за долгорочното проектирање на дипломатските капацитети на Македонија!, вели Милошоски.