Јас би се срамел да ме фатат со 100.000 евра пред аудиториум, изјави на рочиштето по предметот „Тортура“ поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков.

Тој на сведокот, затворскиот психијатар Мирко Тренески, му постави прашање дали чувството на срам кај Љубе Бошкоски се јавило поради апсењето кај ресторанот „Воденица“.

Како сведок во предметот, Треневски изјави дека тој во истражниот затвор „Скопје“ разговарал со Бошкоски, по неговото приведување за случајот „Кампања“ во 2011 година. Притоа, како што рече, добил податоци за тоа дека бил уапсен во некоја кафеана.

Два дена по неговото приведување разговаравме. Добив податоци дека бил уапсен во некоја кафана и дека тоа го доживеал многу стресно, вознемирувачки, со страв… Имаше депресивен поглед. Констатирав дека се работи за нарушен психички статус, што е вообичаено при вакви стресни ситуации, изјави Треневски.

Тој додаде дека Бошкоски апсењето и неговото притворање ги доживеал многу емотивно и понижувачки и оти кај него доминантна била психотраумата, а потоа и чувството на срам.

Во предметот „Тортура“ обвинети се шест полициски „алфи“ и поранешниот шеф на тајната полиција Сашо Мијалков за нехуманото и понижувачко апсење на лидерот на Обединети за Македонија, Љубе Бошкоски.