Михаил Трендафилов – Нанче денеска беше промовиран пред јавноста како кандидат за градоначалник на Охрид од редовите на партијата Граѓанско-демократска унија.

На прес-конференцијата посветена на промоцијата на својот градоначалнички кандидат лидерот на ГДУ Петар Колев истакна дека партијата предлага и нуди реална алтернатива во општеството.

Како факти што иницирале партијата со свој кандидат да излезе на престојните градоначалнички избори тој посочи дека Охрид е една од најзадолжените општини, град со најсилна тенденција на иселување на младите луѓе од земјата последица на, како што рече, недомаќинското и неодговорното работење на досегашните татковци на градот.

„Урбаната мафија и непочитувањето на законите го урнисуваат охридскиот шарм и убавина, и ако се помиривме со незаконски градби на хотели, згради, стигнавме и до незаконски градби врз културни, историски и верски објекти, заштитени најстрого со закон…Некој упорно, газејќи ги законите, сака да го смени обликот на градот и да предизвика верска нетрпеливос“, рече меѓу другото Колев, притоа изразувајќи уверување дека само со прецизирање, констатирање на проблемите ќе се најде решение за нив.

Кандидатот за градоначалник на Охрид од ГДУ, Трендафилов во првото обраќање пред Охриѓани рече дека е време да се направи првиот чекор за изградба на општество на рамноправни луѓе, ослободени од пизми, општество подготвено за културен натпревар.

„Дури не изградиме среќен дом нема што да бараме во Европа. Наша цел е да ги обединиме сите прогресивни сили, особено од СДСМ и ДПМНЕ, да им се даде црвен картон на ретроградните сили во нивните редови, со почеток токму од Охрид“, рече Нанче, притоа забележувајќи дека со своите активноти токму двете најголеми партии работат во интерес на неговата кандидатура.

Како главна причина што го натерало да ја прифати кандидатурата тој ја посочи, како што рече, „поразителната вистина за Охрид дека СДСМ и ДУИ се испазариле за Охрид, замена на минаре на Алипашината џамија за гласови“.

Инаку, Трендафилов беше претседател на Граѓанското здружение „Совест“ што прво укажа на недозволени и противзаконски градежни интервенции околу реконструкцијата на Алипашината џамија во центарот на Охрид.