Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во новогодишното интервју за Алфа телевизија изјави дека не очекува динамична година на промени, додавајќи дека на полето на евроинтеграциите ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи да се чепка во македонскиот идентитет и да се прифати бугарската Резолуција да биде дел од преговарачка рамка.
– Кога зборуваме за европерспектива, не очекувам дека нешто би можело драматично да се смени. Длабоко сум убеден дека не постои план 5+1 или како сакаат нека ги нарекуваат, затоа што постои Резолуција на бугарскиот Парламент. Во таа резолуција има точки кои што се неприфатливи за нас како народ, па дури и за политичари како и Зоран Заев, затоа што преставува сериозно негаторска и асимилаторска политика. Се додека таа резолуција постои, договор нема. Ќе имаме закочен евроинтегративен процес, рече Мицкоски.
Тој истакна дека првиот момент кога таа резолуција ќе биде повлечена или заменета со некоја друга, тогаш може да имаме договор.
Ако направат таков будалест чекор и да ја прифатат таа резолуција, да биде дел од евентуална преговарачка рамка, тоа ќе биде конечна асимилација или блокирање на евроинтеграциите, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ нема намера да преговара за Резолуцијата на бугарскиот Парламент и таа да стане дел од преговарачката рамка и тоа да им е јасно на сите. Нема намера ВМРО-ДПМНЕ како идна влада ниту една точка да смени во македонскиот идентитет, каков сака нека е тој притисок. ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи ни милиметар да се чепка во македонскиот национален идентитет, потенцираше Мицкоски.
Говорејќи за што не очекува во 2022 година, тој рече дека следи динамична година во која ќе се стави крај на заевизмот.
Јас очекувам да биде подинамична и потурбулентна година и мислам дека ќе има многу промени во Македонија во многу области и сметам дека сето ова што сме го зборувале ќе излезе дека сме во право и очекувам предвремени парламентарни избори и конечно да падне заевизмот, нагласи Мицкоски.
Comments are closed for this post.