Дали се профилира политичката сцена во Македонија?
Изјавата од пред две недели на генералниот секретар на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари дека „ако ДУИ повторно коалицира со СДСМ, ние ќе коалицираме со ВМРО-ДПМНЕ и обратно, ако ДУИ коалицира со ВМРО -ДПМНЕ, ќе коалицираме со СДСМ“, се чини дека оди кон конкретизација.
Сигурни извори од ВМРО-ДПМНЕ, но и од албанската опозиција, потврдуваат дека во петокот во хотелот „Хилтон“ во Скопје ќе да има средба меѓу опозициските лидери Христијан Мицкоски, Зиадин Села и Африм Гаши.
„Под покровителство на германската фондација „Конрад Аденауер“ ќе се одржи конференција на тема „Народните конзервативни партии градат мостови кон заедничката европска иднина“ и ќе треба да учествуваат и лидерите на овие партии што ги спомнувате“, изјави за ТВ Клан М сигурен извор на македонската опозициска партија, оценувајќи дека евентуалната опозициска коалиција на локалните избори следната година ќе се покаже сериозен опозициски коалиционен капацитет во земјата.
Ваквата можност беше оставена отворена, во понеделникот во емисијата „Клан Дебат“ на Селадин Џезаири, и самиот лидер на македонската опозиција, Мицкоски.
Иако е рано да се зборува за повеќе детали, неспорно е дека приближувањето на македонско-албанската опозиција оди кон профилирање на политичката сцена во земјата.
Создавањето на два блока ќе ги „потисне“ и вообичаените меѓуетнички тензии, пренесува ТВ Клан М.
Comments are closed for this post.